Петар Печков
Објавено: вторник, 09 ноември 2021
Одбележан беше 9-ти Ноември, денот на градот, со свечена седница во салата „Бели Мугри“. Настанот беше во организација на Општина Велес, од каде градоначалникот Марко Колев упати честитка.
„Со заеднички сили, заедно да се обидеме Велес да го развиваме во модерен и современ град, со силна економија, социјална заштита, подобро образование, култура и традиција. Да го градиме Велес во достоинствено и достојно место за живот за сите сегашни и идни генерации“, порача Колев.
Беа врачени и 9-то ноемвриските награди и признанија. Наградата за животно дело „Гемиџии“ за 2021 година ја доби актерот во пензија Александар Ѓеорѓиев. Истата има и парична вредност, во висина од три просечни плати. Спомен – плакети добија компаниите „Ронтис“ и „Маркарт“ за континуираната поддршка на повеќе институции во Општина Велес, како и постхумно на Игор Ангеловски, поранешен началник на СВР Велес.
Наградата „Професор д-р Ѓорѓи Шоптрајанов“за најстудент ја доби Бојана Кацарова, студентка на Медицински факултет од Штип. Нејзе и беше брачен чек, во парична против вредност од 300 евра.
Благодарници 9 Ноември за 2021 година им се доделија на волонтерите на Општинската организација на Црвен крст, за развој на волонтерството во услови на светска пандемија, на режисерот Ненад Витанов за афирмација на театарската уметност, на фудбалерката Елма Шемсовиќ, на музичарот Петре Штерјов, на одбојкарот Дарко Николов, на ликовниот уметник Трајче Чатмов, на Ангел Мицевски-Скакар поранешен бораш и тренер. Благодарници добија и ЈЗУ Општа болница Велес, Филип Иванов за развој на хуманоста и волонтерството, гајдаџијата Филип Арилон и Благородна Донева за придонес и развој на етнологијата и занаетчиството.
За придонес и афирмација на градот, Пофалници 9 Ноември за 2021 година добија Богданчо Драскачев и Благој Ѓорчевски пожарникари волонтери, кајакарот Никола Димов, атлетичарот Тале Илиевски, кајакарката Марија Пановска, кошаркарката Марија Николов, виолинистката Камелија Дуковска и Томе Трајков за придонес во граѓанскиот активизам.
Во името на добитниците се заблагодари добитникот на наградата за животно дело „Гемиџии“ Александар Ѓорѓиев.
Претходно се положи свежо цвеќе на Спомен костурницата и на бистите на народните херои во Младинскиот парк.
Tweet |