Петар Печков
Објавено: среда, 14 декември 2022
Дваесетина лица со попречености, поранешни штитеници на Специјалниот завод од Демир Капија, за прв пат беа надвор од нивните мали групни домови, каде се сместени.
Тие присуствуваа на аукција, која ја организираше Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес а со која одбележаа 25 години постоење. Од хуманитарно продажниот настан одржан во фоајето на Велешки театар, се собраа 130 илјади денари. Од нив 101 илјади се од продажба на уметничките дела на аукцијата и 28 илјади денари од продажба на рачно изработените украси и лековити билки.
„Сите собрани средства се наменски, за социјалниот сервис „Живееме со поддршка“ која го формиравме и за која имаме лиценца за работа. Работно ангажираните се грижат за 20 лица кои се поранешни штитеници од Специјалниот завод од Демир Капија. Тие се сместени во четири мали групни домови. Ние на овие лица им понудивме хумани услови за живот. Тие живееле со децении во Демир Капија за прв пат се на вакво нешто. Почувствуваа љубов, топлина, што е дом,за што најзаслужни се негувателките кои се грижат за нив, како и стручниот тим кој работи со нив“ - кажа Далиборка Златева претседател на организираше Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес
На аукцијата се продаваа уметнички дела, донирани од 20 автори, како и рачно изработени новогодишни украси, и органски лековити билки произведени од лицата во Здружението. Донираните уметнички дела беа отстапени до страна на уметниците без надомест.
„Секој од нас може да им помогне, да придонесе на лицата со попреченост. Јас тоа го правам секогаш кога ме поканат, побараат мое дело, го отстапувам. Можеме да им го смениме животот на подобро“ - кажа Славчо Максимоски академски сликар до Тетово.
Вакви мали групни домови во кои се згрижени 20 корисници, поранешни штитеници од Специјалниот завод од Демир Капија има четири во велешко, по еден во Велес и Башино Село и два во Градско.
Tweet |