Петар Печков
Објавено: четврток, 19 ноември 2026
Протече водата кон езеро Младост од двете бушотини на Отовичка и Рудничка река. Тоа е една од обврските кои Хидробиолошки завод од Охрид (ХБЗ) ги даде за решавање на проблемот со водата од акумулацијата. Дотур на свежа вода беше потребен заради обезбедување на кислород во водата, поради што се појавуваа пифтиестите пласти со изумрени материи кои пливаа по површината на езерото.
„После извршените проби и технички работи, изведените бушотини во близина на Отовичка и Рудничка река пуштени се во употреба. Тие ќе придонесат за квалитетот на водата во езерото Младост, и ќе течат 24 часа на ден. Двете бушотини се заштититени со метална куќарка од оштетувања а одводот е вграден во земја, подземен цевковод за да се избегне нивно уништување. Останува да се промени вентилот од браната како и завршување на изградбата на цевковдот со кој водата од акумулација Лисиче треба да го полни езеро Младост“ – кажа Ване Маневски директор на ЈВП Лисиче, кое е носител на активностите за санација на акумулацијата езеро Младост, за што Владата издвои 10 милиони денари.
Изминатиот период реализирани се неколку проекти кои треба да ја подобрат состојбата на акумулацијата. Се исчиси брегот на езерото од мул, тиња, трска, стари дрвја, исчистен е каналот на Отовичка река.
Последното испитување на квалитетот на водата во октомври од страна на ХБЗ покажа дека нема цијанобактери а со тоа и цијаноотрови. Но оваа институција порача дека треба да се врши честа контрола на водата. Во овој зимски период, две години откако се јавија пластите на површната кои се изумрени алги, трски, нив ги нема. Се појавуваат со зголемувањето на температурата. ХБЗ препорача нивно чистење од површината, посебно околу заливот ка Отовичка река.
Останува да се реши делот од колекторскиот системот, помеѓу двата мотели, кој е под нивото на водата од езерото и се случува поради тоа да се поплави тамошна шахта, па се јавува зголемен концентрација на фекалии во тој дел на акумулацијата.
Советот треба да донесе одлука и за десниот крак на колекторскиот систем да се предаде на ЈКП Дервен како што е и левиот кој ги собира отпадните води од околните населби и селата Кумарино, Сујаклари, Отовица.
Во наредниот период е најавена санација на темелниот испуст на браната, на вентилот, што е сложена техничка интервенција. Во 2013 беа поставени два нови затворачи, кои не биле функционални, покажале контролите на стручните лица од ЈВП Лисиче.
„Новиот вентил ќе служи за испуст на вода од дното на акумулацијата, каде стручните лица констатирале еден метар наслаги, кои треба да се испуштат и водата да се чисти“ – објасни Маневски.
Поради лошиот квалитет на водата во акумулацијата Младост, четирите плажи две години беа пусти и празни, гостите немаше. Густите пивтиести наслаги со жолто-кафеава боја во летниот период две години покриваа значителен дел од површината на акумулацијата, особено во крајбрежните делови кај Отовички Залив.
Поради високите температури и намалениот кислород во водата се создаваа наслаги кои беа најмасовни во текот на летниот период. Со опаѓањето на температурата преку зимата наслагите ги снемуваше, некои се разградуваа, други паднаа на дното, трети останаа на суво по повлекување на водата во акумулацијата.
| Tweet |






