Петар Печков
Објавено: петок, 08 јули 2011
Топлотен бран од утре ќе ги зафати севреозападниот и југоисточниот регион на државата, односно Тетово, Гостивар, Кичево, Гевгелија, Кавадарци, Неготино, Велес, Дојран, Валандово, Струмица и Кочани.
Според најавите на Управата за хидрометеоролошки работи дневната темепратура на повеќе места ќе надминува 35, а во југоисточните делови ќе достигнува и до 39 степени.
Поради високата вредност на УВ индексот во периодот од 11 до 16 часот се препорачува да се избегнува изложеност на директно сончево зрачење.
Министерството за здравство ги потсетува работодавците дека одредени производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, како и на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
За заштита од високите температури и намалување на ризици врз здравјето од дејството на топлотниот бран лекарите препорачуваат поголем претстој во затворени простории пред се климатизирани, а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка. Да се носи светла и лесна облека, при директна изложеност на сонце заштитни очила и капа, а за сончање да се користи крема со висок заштитен фактор. Се препорачува внесување на помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, големи количини течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнува мрсна храна и алкохолни пијалаци.
При влегување во возило, се препорачува одреден период да се проветри. Хроничнo болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.
Поради зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања се препорачува задолжително миење на зеленчукот и овошјето пред употреба, термичка подготовка на храната и нејзино конзумирање во многу кус рок по подготовката или подготвената храна да се стави во фрижидер на + 8 степени, а пред употребата да се загрее на + 100 степени. Да се избегнуваат производи кои термички не се обработени како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се конзумира сладолед и разни кремови, како и редовно одржување на личната хигиена.
Информации за топлотните бранови континуирано се дистрибуираат на интернет страната www.toplotnibranovi.mk, а граѓаните дополнитени информации може да добијат и на бесплатниот телефон на Црвениот Крст 02/ 32 21 902 од 10 до 18 часот
Tweet |