Петар Печков
Објавено: недела, 06 јуни 2021
Од среда продолжуваат градежните работи на експресниот пат Дреново -Фариш а до крајот на месецот и Градско- Дреново. Двете делници се дел од експресниот пат Градско -Прилеп,чија изградба беше во застој две години, откако италијанските компании „Тиренаскави„ и „Рубау“ ги раскинаа договорите со инвеститорот ЈП за државни патишта и ги напуштија работите. Новите изведувачи се австриски „Штрабак“ која ќе работи на делницата Градско и кинеска „Синохидро“ која ќе работи на делницата Дреново- Фариш.
Ова го најави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој заедно со премиерот Зоран Заев беа на увид на градежните активности на делницата од регионалниот пат Кавадарци- Дреново.
„Продолжуваат работите на делницата Дреново- Фариш кој е со напуштена од страна на поранешниот изведувач, имаме избрано нов, кој на 9-ти јуни започнува со работа. Патниот правец Градско- Дреново е во фаза на преземање на градежните работи од компанијата „Штрабак“. Имаме избрано и изведувач на градежните работи за реконструкција на превојот Плетвар, од Фариш до Прилеп и во наредните два месеци, по изборот на надзорен орган, ќе започнат активностите, најдоцна есенва“ - најави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Изградба на експресен пат Градско - Прилеп беше најавено дека ќе се изведе во три фази. Првата фаза е изградба на делницата Градско - Дреново,во должина од 16 км со вредност од 23 милиони евра, 85% средства од ИПА фондовите на ЕУ и 15% од државниот Буџет. Од оваа делница изградени се 33 отсто од работите. Втората фаза е делницата од Дреновска клисура до Фаришка клисура во долина од 10 км. во вредност од 31,8 милиони евра, со заем од Европска банка за обнова и развој (ЕБОР). Од оваа делница се изградени 35 отсто од градежните работи.
Предвидена е и рехабилитација на патен правец Фариш – Прилеп, превојот Плетвар со буџет од 7,5 милиони евра, средства од заем со ЕБОР. Целата делница од експресниот пат Градско -Прилеп изградба требаше да заврши до крајот на 2022-ра година.
Tweet |