Петар Печков
Објавено: четврток, 08 октомври 2020
Децата и вработените од Детската градинка од Велес „Димче Мирчев“ добија прочистувач на воздухот. Нив ги набави локалната власт а денес беа врачени на директорката на институцијата Маја Велиновска. За ова намена Општина Велес потроши 534 илјади денари, средства обезбедени од локалниот Буџет.
За помалите занимални обезбедивме вкупно 15 прочистувачи во вредност од 158 илјади денари, за поголемите занимални обезбедени се 24 прочистувачи, во вредност од 376 илјади денари со вклучен ДДВ, во вкупна вредност од 534 илјади денари. Овие прочистувачи се даваат на трајно користење на установата, која ќе ги распредели соодветно на нивната јачина според големината по занималните - кажа градоначалникот Коцевски.
Дополни дека обезбедени се прочистувачи за сите занимални, освен за две во објект 3 - „Детелинки” и најави дека во најбрз временски рок ќе се обезбедат и тие.
Директорката Маја Велиновски изрази благодарност за донацијата, која ќе обезбеди здрава животна средина за децата од градинките.
Оваа донација е од големо значење за здравјето на децата, во периодот пред нас, кога доаѓаат студените денови, загадени од загревањето - рече Велиновска.
Таа ја соопшти и бројката на деца кои посетуваат градинка во сите девет објекти. Тие можат да прифатат 721 дете согласно протоколите за работа, пријавни биле 546 деца кои имале потреба од згрижување, а секојдневно присуствуваат 414 деца. Запишани има 1106 деца а во овој период на пандемија на ковид-19 градинките прифаќаат деца чии двајца родители се на работа или дете на самохран родител.
Tweet |