речник контакт

Отворена Европска куќа и во Велес

Нејзината вредност е околу 300 илјади евра, средства од ЕУ

Петар Печков

Рецитирајќи ги стиховите од Татунчо, на Рацин, „Ако куќа не направив со високи шимшир порти, куќа цел свет братски ми е братски срце што отвора, срце - порта највисока, срце - куќа најширока“ евро амбасадорот во Скопје Дејвид Гир, ја отвори Европската  куќата во Велес.

„Ова е најдобра дефиниција, каква треба да биде една куќа. Се работи за духот на една куќа, за нејзината отвореност. И затоа ми е задоволство што сум тука во Велес, и можеме да ја отвориме Европска куќа.  Ова е место за младите но и за целата заедница. Тие не треба да зборуваат за ЕУ, туку тоа што е важно за нив тука,во градот“ - рече Дејвид Гир, амбасадорот на ЕУ во Скопје. При отворањето на Европската куќа, тој на велешани и порача,„добре дојдовте дома“.

Таа е петта отворена во Македонија, по Скопје, Крива Паланка, Струмица и Битола, додека две се во завршна фаза, во Струга и Тетово. Европската куќа е и место, каде ќе може да се организираат настани, културни манифестации, место каде ќе се промовираат европски вредности.

„Овој проект е многу значаен за Велес. Просторот се наоѓа на многу добра локација, таа е најголема Европска куќа во моментот во Македонија. Информацијата која стасува до мене е дека ќе биде посетувана, во неа ќе се случуваат добри работи, едукација, обука, тренинзи“ - рече градоначалникот Колев.

Во центарот на Велес, во просториите на некогашното кино 11 Октомври, пуштена е во функција Европската куќа. Таа  е на повеќе од 200 м2 користен простор, место каде младите но и жителите на градот ќе можат да дебатираат, разговараат за Европска Унија, но и за животот во градот, во земјата. Нејзината вредност е околу 300 илјади евра, средства од ЕУ.  Прв настан  со кој се отвори Европската куќа во Велес, беше изложба на осум уметника од помладата генерација ликовни автори,  од Вардарскиот регион.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »