Петар Печков
Објавено: петок, 28 октомври 2011
Отфрлена е тужбата која општина Велес заедно со повеќе невладини организации ја поднесоа против Република Македонија, поради три децениското загадување на велешани и почвата во општината. Судијката Билјана Јачева откако четириесетина минути ја читаше тужбата кратко изјави,, Тужбеното барање се одбива, причините ќе бидат објаснети на тужителите во писмена форма,,. Ова предизвика разочарување во преполната судница во Основниот суд во Велес, каде имаше бројни присутни. Тие оваа пресуда не ја доживуваат како пораз.
Нашите надежи беа големи и верувавме дека ќе биде пресудено во корист на граѓаните на Велес. Свесни сме сите што се случуваше во Велес од 1973-та година наваму, колку животи, луѓе и човечки судбини не чинеше работата на топилницата. Оваа пресуда не не обесхрабрува, ниту како Зелена коалиција нема да престанеме да работиме. Имаме и други предизвик пред нас, да не дозволиме рестарт на стариот загадувач, комбинатот за олово и цинк. Остануваме на браникот на Велес да го одбраниме од загадувањето, заради нашите деца – рече Далиборка Златева, претседател на Здружението на родители на деца заболени од церебрална парализа, член на Зелената коалиција.
Ова е прв случај на Балканот каде општината и граѓаните ја тужат државата. Државниот правобранител, за подрачјето на Велес, Петар Новевски, изјави дека тужителите немаат легимитет за да овој процес се одржува. Во вештачењето изведено од Природно математичкиот факултет и анализирано од Институтот за нуклеарни истражување ,,Дубна ,, во Русија стои дека велешката почва е енормно загадена со тешки метали.
Врз основа на сите добиени резултати утврдено е големо загадување со тешките метали во почвата во Велес и околината, посебно со олово и кадмиум. Подрачјето загадено со кадмиум е 6,6 км2, олово е 4,2 км2.Ова загадување е резултат на човекова активност, конкретно на Топилницата за олово и цинк. Загадените површини се во вид на елипса, што е резултат на розата на ветровите. Истражуван е само југозападниот дел на општината, а треба да се истражи и североисточниот дел – пишува во документот потпишан од проф. Д-р Трајче Стафилов. Велешките екологисти не се откажуваат во борбата за здрава животна средина, заради идните поколенија.
Ја продолжуваме нашата борба во повисоките инстанци на правниот систем. Сведочењето на експертите, кое послужи како вештачење е своевиден доказ, дека градот Велес и неговите граѓани со децении биле и се подложени на загадување со тешки метали. Со тоа е нарушено уставното право на велешани на здрава и чиста животна средина. Нашата правна борба ќе ја продолжиме заради идните поколенија, да им оставиме здрава околина – вели Билјана Ангелова правен застапник на тужителите.
Тужителите ја расчистуваат дилемата, што лебди кај дел од македонската јавност, дека бараат пари за обештетување.Ова е прв случај, граѓанскиот сектор да ја тужи сопствената држава. Не е точен впечатокот кај дел од јавноста, дека ја тужиме Владата. Ние поднесовме тужба против институциите на државата, затоа што според сите експерти и резултати, Велес претрпел голема штета од работата на Топилницата, а надлежните не презеле никакви мерки тоа да се спречи или казни - вели Весна Шкортова извршен директор на Фондацијата Фокус.
Тужбата беше поднесена од Општина Велес и седум граѓански здруженија, ЕД Вила Зора, ЕГ Зелената сила, Извидничкиот одред, Друштво на родители за грижа за здраво поколение, Здружението на родители на деца заболени од церебрална парализа, Организација на жени и Фондацијата за локална демократија ,,Фокус,,. Процесот траеше три години. Со тужбата ,, Зелената коалиција,, побара од државата отстранување на депонијата со згура и чистење на јавните површини, парковите и просторот пред детските градинки и училиштата од тешките метали.
Tweet |