речник контакт

Педесет години Боре Левков го фотографира растежот на Велес

Пет децении како ги овековечува сите значајни моменти во полудецениското живеење на градот

Петар Печков

Велешкиот фотограф Боре Левков, деновиве слави убав и значаен јубилеј. Педесет години од неговата работа, како ги овековечува сите значајни моменти во полудецениското живеење на градот.

 Тој има 65 години  и се уште фото апаратот е дел од неговото секојдневие. На први септември 1965-тата, кога сите негови другари тргнале во прва година средно, Гимназија каде и тој се запишал, наместо на училиште се упатил во фотографската работилница ,,Техника,, на  мајсторот Душко Илиев.   

Мене и првите 15 дена ме водеа дека сум во Гимназија, но откако по две седмици не отидов, ме испишаа. Мојот предизвик беше фотографијата.  Претходните  три лета, јас одев кај мајстор Душко да гледам како се работи. Дел од летото, тие години го минев таму кај него, близу Безистенот.  Тој први септември, попладнето кај нас дојде на гости соседот Андо Нестор кој беше бакал, со кого се упатив кај мајсторот да учам занает. Така започнав и на фотографијата и го посветив цел живот. Сакав да го сликам Велес со старата архитектура, старите куќи, старата калдрма, керамиди, ќепенци.. - објаснува Боре Левков.

 Имал силна желба уште како дете да ја фотографира старата велешка архитектура. Неговиот дедо бил грнчар, живееле близу  фабриката Вила Зора, во месноста Солено чешмиче. Соседи му биле две професорки, сестрите Дерменџиеви, чиј татко бил сопственик на Безистенот.

Постарата сестра Благородна го водела Боре, како 12 годишно дете, да ја собираат киријата од Безистенот и тогаш го откри како објект го воодушевувал и слободното време го минувал таму. Имал желба да го овековечи и така се родила страста кон фотографијата.  Кај Фото Душко ги минал сите скалила на занаетот калфа, чирак до мајстор, каде работел до 1975-та година. Од тогаш, се вработува во Велешкиот музеј и започнува да ги регистрира сите настани во градот, политика, култура, спорт...

Во моето работно искуство, како професионален фотограф на Музеј, работев на сите ископувања во локалитетот Стоби, со  доктор Блага Алексова, со американецот Џемс Вајсман,  Иван  Микулчиќ,  Живоин Винчиќ. Што тие ќе откриеја при ископувањата,  јас фотографирав.  Посебно ме прави горд, тоа што растев со Рациновите средби, сите досегашни  јас ги има документарно низ слика.  Почнувајќи од 1972-ра па наваму, дел службено, друг дел за мојата документација - вели Левков.  

Сепак негова опсесија е спортот. Има најмногу фотографија  токму од овој дел на животот на велешани. Ракомет, кошарка, фудбал, одбојка. Радоста и тагата и на спортистите и на гледачите, се тоа го има во неговите фотографии.   Ја имал привилегијата, преку неговиот фото апарат да ја регистрира историјата на Велес.  

За сите негови 50 години работа тој го документирал  растењето на градот, градењето фабрики, спортски објекти, пристигнувањето на значајни  гости. Ги фотографирал и моментите од транзицијата на затворањето и пропаѓањето на фабриките кои ги овековечил, кога се создавале.   Работел на монографии на школи, установи, фабрики.

Работел и со локалното печатено гласило  ,,Вардарски глас,,. Се сеќава на создавањето на фото архива на Народниот музеј во Велес, кога барале стари слики од градот но и од неговите најзначајни дејци.   

Првиот проблем со кој се судривме како Музеј е да најдеме слика од Јордан Хаџи Константинов Џинот. Баревме долго време  додека не дојдовме до цртеж, кој и денес е  единствената документација како изгледал тој. Слично беше и со фотографии за Васил Главинов, за Димитрие Чупоски, со Коле Неделковски, долго време го баравме ликот на Рајко Жинзифов.  Ова го работевме заедно со историчарот Трајче Исков, подоцна со Марин Клифов и Павлина Василева. Комплетната фото поставка во куќата на Рацин, Главинов е мое дело - вели Боре.

Тој е горд што неговиот дедо, брат на татко му Благој Левков како дипломиран правник е дел од Првото заседание на АСНОМ од 1944-та година и фотографијата со него ми е една од најдрагите. Не може да одвои која му е најзначајна, не може да каже колку има  фотографии направено. Како илустрација ја посочува состојбата од 2004-тата до 2006-тата, кога соработувал со Јапонци.

Тогаш месечно трошел по 50 ролни, а од една од нив излегувале  две илјади фотографии.  За оваа негова соработка добил признание од  Јапонската фирма ,,Коника,,  Од 1980-та отворил фотографска работилница, која ја именувал по ќерката ,,,Фото Весна,, . Од Народниот Музеј заминал во 2001-та и  целосно се посветил на својот дуќан. За сите овие пет децении ги минал сите фази на развојот на фотографијата, од црно бела до боја,  од плочи, со план филмови, преку лабораторија, па аналогни колор машини -лаборатории,  до компјутерската обработката.

Бидејќи се вложил во овој занает, одел на усовршување во Германија, Кина, Јапонија, Бугарија, соработувал со Агфа, Кодак, Коника, светски брендови. Имало периоди кога не се престигнувало од работа, сега тоа е осетно намалено, најмногу работа има за Нова година.

Иако сум во сериозни години, оваа моја работа и натаму ме исполнува. По 50 години живот минат во фотографијата, не дозволувам сите новини во градот, да останат не фотографирани. Најзначајните работи во Велес и натаму  ги овековечувам и тоа ќе го правам се додека можам. Ако се родам пак, повторно  ќе бидам фотограф. Преку апаратот се исполнив како човек  - заврши мајстор Боре.

Од сите апарати со кој досега работел, најдраг му е првиот ,,источно германскиот ,,Практика,,  кој го чува како  експонат, со кој ја започна неговата децениска работа.  

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »