речник контакт

Пензионираниот анестезиолог д-р Јордан Нојков добитник на наградата за животно дело „Гемиџии“, вели важно е докторот да сочувствува со проблемот на пациентот

Почитувани сограѓани, јас гордо се чувстувам како велешанец, иако половина живот го минав во Скопје. Често сум во родниот град, каде имам многу пријатели, познаници и многу спомени од младоста и почетоците на работната кариера. Ова признание ми годи, оти е од моите сограѓани

Петар Печков

Анестезиологот д-р Јордан Нојков ја доби највисоката општинска награда на Велес  „Гемиџии“ која се доделува за животно дело. Тој со својот вложен труд, со професионалноста, човечноста и односот кон пациентите, остана забележан како врвен стручњак, но и голем човек.

Докажан научен работник и хуманист, со децениската работа запомнет е во сеќавањата на велешани и на неговите пациенти.  Поради сите овие негови заслуги, тој беше најавен при врачувањето на признанието како „велешка гордост“.

„Почитувани сограѓани, јас гордо се чувстувам како велешанец, иако половина живот го минав во Скопје. Често сум во родниот град, каде имам многу пријатели, познаници и многу спомени од младоста и почетоците на работната кариера. Ова признание ми годи, оти е од моите сограѓани. Најмногу ме радува кога луѓето ме сретнуваат по улица и ми приоѓаат, се заблагодаруваат. Ме прашуват дали се сеќавам кога се оперирале, јас сум бил анестезиологот. Со мојот однос кон нив, јас сум останал во сеќавање. Тоа што сум го сторил во академскиот живот, не мора да  го знаат,  важно е да се има емпатија кон нив, кон пациентот, кон болниот, кон послабиот, кон тој што има проблеми. Докторот мора да знае дека односот кон пациентот не е рамноправен. Тој треба да сочувствува со него и да му помогне. Тој однос кон пациентите, доведе до ова признание, до луѓето да ме помнат“ – кажа д-р Нојков, кој во неговата докторска кариера имал помеѓу 25 и 30 илјади операции.

Роден е во Велес 1947 година а десетина години е во пензија. Завршува Медицински факлутет 1972 година, со просечна оценка 9,76 со што бил најдобар студент на Медицинскиот факултет но и  првенец на Универзитетот Св. Кирил и Методиј.

Завршува специјализација за анестезиолог 1981 година. Во велешка болница работи до 1985, когазминува  на Клиника за ортопедија во Скопје, каде работи се до пензионирањето 2012 година. Докторирал 1991 година.

Работел како професор на Медицински факултет Скопје 1993-2012 година и на Медицински факултет Штип. Работел како анестезиолог во Либија и Катар. Член е на Светската асоцијација на анестезиолози.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »