[b]Се шири птичјиот грип во регионот и светот: нови случаи; Македонија засега „прелетана“. Во реонот на Дојранското езеро нема присуство на вирус на птичји грип; извршен мониторинг над Охридското езеро; гугутките од Прилепско угинале од атипична чума; Ветеринарната управа известена за 2 случаја на птичји грип во БиХ; пациентка со симптоми на птичји грип почина во Пловдив; вирусот Х5Н1 потврден кај уште 3 лебеди во Бугарија; утврдено присуство на птичји грип кај угинат лебед во Хрватска; во Романија ќе се уништат 35.000 птици; мртов лебед во училишен двор предизвика паника во Солун; регистрирани нови случаи во Унгарија и Франција.[/b] Епидемија на птичји грип: состојба во Македонија-нови жаришта во регионот и светот: Скопје, 20 февруари (ИФА) - Наодот од Факултетот за ветеринарната медицина на мострите од отстреланите птици од Дојранското Езеро е негативен, што значи дека нема присуство на вирус на птичји грип во реонот на Дојранското Езеро, изјави Сашко Ташев, државен ветеринарен инспектор за теренот на Гевгелија и околните општини. Претставници на Државниот ветеринарен инспекторат и ловците од Охрид извршија мониторинг на птиците над Охридското Езеро. Според државниот ветеринарен инспектор Штерјо Лаброски, нема знаци или какви било други индиции за заболеност на птиците, но сепак ќе се почекаат официјалните потврди по лабораториските анализи и испитувања во Скопје. Анализите кај угинатите гугутки најдени во прилепското село Мало Коњари во петокот покажуваат дека нема присуство на вирусот на птичји грип. Птиците угинале од атипичната чума или таканаречената пипка, која е нормална појава кај птиците. Македонската ветеринарна управа е известена од ветеринарните власти на Босна и Херцеговина за 2 позитивни случаја на птичји грип најден кај 2 лебеда. Управата за ветеринарнаство, како и во другите случаи, воведе времена забрана за увоз на живинско месо и производи и од оваа земја. Во болница во бугарскиот град Пловдив вчера почина 27-годишна жена, која во петокот била хоспитализирана со симптоми на птичји грип, јави бугарската агенција БТА. Како што пренесе МИА, докторот во пловдивската болница Мариана Стојчева изјави дека починатата работела во локалната фабрика за преработка на пилешко месо, поради што лекарите се посомневале дека можеби е инфицирана со вирусот на птичји грип. По објавувањето на информацијата за смртниот случај во Пловдив се огласи бугарското Министерство за здравство кое соопшти дека во Б! угарија нема регистрирани случаи на лица заболени од птичји грип. Според Министерството, пациентката во Пловдив биле болна од пневмонија и тоа најверојатно бактериска. „Случајот е испитан и нема никакви сомненија за птичји грип“, се нагласува во соопштението на бугарското Министерство за здравство. Во Бугарија е потврдено присуството на смртоносниот вирус на птичји грип Х5Н1 во примероците на уште 3 угинати лебеди, јавија бугарските медиуми, повикувајќи се на соопштение од британската лабораторија во Вејбриџ. Како што пренесе МИА, птиците се откриени во реоните на Варна, Добрич и Бургас. Кај угинат лебед пронајден на островот Чиово кај Трогир е откриено присуство на вирусот на птичји грип, соопшти портпаролот на хрватското Министерство за земјоделство, Младен Павиќ. Тој нагласи дека анализите во лабораторијата на Ветеринарниот институт во Загреб го потврдиле присуството на вирусот Х5, додавајќи дека за една недела ќе се знае дали станува збор за смртоносниот вирус Х5Н1, откако примероците од лебедот ќе бидат тестирани во британската лабораторија Вејбриџ. Романските ветеринарни власти ќе уништат 35.000 птици во регионите Тузла, Наводари и Костанца, во југоисточниот дел на земјата, откако кај угинатите птици беше потврдено присуството на вирусот Х5Н1 на птичјиот грип. Активни жаришта на птичји грип има уште во осум села во реонот на Црно Море. Во училишен двор во местото Лангада крај Солун е пронајден мртов лебед кој предизвикал страв и паника помеѓу учениците и наставниците. Мртвата птица е испратена на испитување во универзтитеската лабораторија во Солун, а училишниот двор е дезинфициран. Во Унгарија се пронајдени 2 угинати лебеди кои најверојатно се инфицирани со смртоносниот вирус на птичјиот грип Х5Н1, изјави унгарскиот премиер Ференц Ѓурчањи. Двата лебеда се откриени во истиот регион во јужниот дел на Унгарија, каде што на 13-ти февруари беа регистрирани други 2 случаја на птичји грип. Во меѓувреме и француските власти соопштија за нови случаи на оваа болест во земјата. Во моментов се испитуваат примероци од околу 15 угинати птици, кои се испратени во лабораторијата во Велика Британија, со цел да се утврди дали се заразени од смртоносниот вирус. Во Франција е веќе потврден првиот случај на смртоносниот вирус на птичји грип. Avizo MC