Петар Печков
Објавено: понеделник, 02 февруари 2026
Крводарителите од Велешко, општините Велес, Градско и Чашка лани двојно го натфрлиле планот за собрани крвни единици. Тоа го покажуваат бројките кои денес ги објави Општинската организација на Црвен Крст Велес.
„Во текот на 2025 година собрани се вкупно 3.802 крвни единици со што годишниот план од 1860 крвни единици е остварен со 204.40%. На терен се изведени вкупно 28 акции за доброволно дарување крв на кои се собрани 1.568 крвни единици, додека преостанатите 2.234 дарувања се собрани во одделението за трансфузиона медицина во Велес и останатите одделенија во околните болници од самоиницијативи дарувања на доброволни крводарители. Од собраните 3.802 крвни единици 889 се од крводарители жени додека 561 се од дарители кои прв пат дарувале во својот живот“ – информира Орце Николов, секретар на ОО Црвен крст Велес.
Во споредба со претходната 2024 година, собрани се 24 крвни единици помалку, во 2024 година собрани биле 3.826 крвни единици а годишниот план бил остварен со 205.40 %.
На терен минатата година биле изведени 28 крводарителски акции на кои биле собрани 1.405 крвни единици. Останатиот дел 3.697 крвни единици е собран во Одделението за трансфузиона медицина во Велес, кое два дена во седмицата работи со крводарители, понеделник и четврток, што влијае за намалување на бројот на крводарители.
Бројот на дарувања од жени крводарителите намален за еден, а бројот на нови крводарители е намален за 13, во 2024 година имало 890 крводарувања од жени, а 574 од дарители кои прв пат дарувале крв.
„Во текот на 2025 година има континуитет и високо ниво на бројот на собраните крвни единици во однос на претходната 2024 година. Со собраните 3.802 крвни единици обезбеден е континуиран и доволен прилив на крв во ЈЗУ Општа болница во Велес и се исполнети обврските кон клиничкиот центар во Скопје. Крводарителските акции беа добро организирани со зголемен одзив на доброволни дарители. Бројката на дарители на крводарителски акции е на високо ниво и најголема во последните дваесет години. Исто така, неопходно е да се истакне дека, како и многу години наназад, одлични резултати се постигнати и од само иницијативните дарувања, што секако се должи и на ефикасноста и соодветниот однос на вработените спрема дарителите во одделението на Институтот за трансфузиона медицина во Велес “ – потенцира Николов.
Од организираните 28 крводарителски акции по три се изведени со дарители од општина Чашка и Општина Градско две АРМ и една во МВР во Велес. Исто така по една акција една во ОУ „Блаже Конески“, ОУ „Св. Кирил и Методиј“, Изводничкиот одред „Димитар Влахов“ со Здружение „Велес Бајкинг“, SKILL Up Academy и ЈЗУ „Здравствен дом“. Двете многу успешни крводарителски акции се изведени со Мото Клубот „Носачи на крстот“ и со учениците од средните училишта во градот. Останатите крводарителски акции беа наменети за граѓанството.
Во 2025 година најуспешни крводарителски акции се двете акции кои се организирани со поддршка на Мото клубот „Носачи на крстот“ на кои се собрани вкупно 383 крвни единици, крводарителските акции во Општина Градско каде се даруваа 395 единици. Посебно треба да се одбележат крводарителските акции за Денот на Општина Велес и за Денот на Општина Градско каде се даруваа по 200 крвни единици.
„Посебни треба да се нагласи дека во 2025 година за прв пат успеавме да организираме крводарителска акција во населеното место Горно Јаболчиште. Тоа е место го голем број на жители и потенцијални крводарители. Интенцијата е оваа крводарителска акција да стане традиционална и да се одржува еднаш до два пати во годината“ –рече Николов.
Основните цели за работата во 2025 во однос на крводарувањето биле договорени со Службата за трансфузиолија Велес, биле навремено и континуирано обезбедување на доволни количини крвни единици наменети за болните во ЈЗУ „Општа болница“ Велес и исполнување на обврските кон клиниките во Скопје. Целите беа исполнети преку организирање и изведување на планираните крводаритески акции, афирмација и популаризирање на доброволното дарување крв заради зголемување на бројот на доброволните дарители, равномерен развој на крводарителството во сите средини на живеење и делување на граѓаните и оддавање соодветно внимание и благодарност на доброволните дарители на крв.
И покрај добрите постигнати резултати, се испречуваат повеќе потешкотии кои му стојат на патот на натамошниот развој на крводарителството.
„Со престанокот на организирање на крводарителските акции во работните средини во голема мера е изгубен контактот на Општинската организација, Ова доведе и до речиси целосно замирање на организираниот живот на крводарителите во Велес, што доведува до состојба крводарителите да немаат со кого да ги споделат своите проблеми, ставови, видувања и предлози. Се чувствува потреба од артикулирање на потребите, интересите и комуникациите на крводарителите и во крводарителството“ кажа Николов.
фото ТрМр архива
| Tweet |




