Никола Солев
Објавено: вторник, 13 април 2010
Управните служби при Министерството за внатрешни работи стартуваат со нова услуга за граѓаните кои аплицираат за вадење патни исправи и возачки дозволи. Имено, доколку сакаат, граѓаните ќе можат плаќањето на таксените марки, задолжителни при аплицирањето за патни исправи и возачки дозволи, да го сторат и преку СМС порака на телефонскиот број 144166 (со префикс на кој било од трите мобилни оператори –VIP, Т-mobile, ONE). При тоа е важно по испратената кодна порака, граѓаните да го задржат повратно добиениот трансакциски код кој што ќе треба да го сочуваат и презентираат пред шалтерскиот работник.
Во рамките на оваа понуда опфатени се услугите за аплицирање за патни исправи (три) за различни старосни категории, како и сите услуги, односно потребните таксени марки за истите, при вадење на возачки дозволи.
МВР, за подетално информирање на граѓаните подготви и своевидно упатство за овој вид СМС плаќања, со кое е објаснета целата постапка. Имено, за секоја од бараните услуги наведен е соодветен коден број заедно со цените на таксените марки. Најпрво во пораката се пишува кодот, потоа името, презимето на барателот на услугата, и цената на таксената марка потреба на за бараната услуга. После секој од наведените информации (код, име, презиме, цена) потребно е да се остави празен простор. Така срочената порака се испраќа преку горенотираниот телефонски број, и се чека повратната порака во која што граѓанинот ќе добие соодветен трансакциски код кој е потребно да се сочува до моментот кога ќе биде побаран од шалтерскиот работник при апликација за услугата. МВР со цел детално да ги информира граѓаните подготви плакати за постапката околу СМС плаќањето на таксените марки, а истите информации се објавени и на официјалната веб страница на министерството www.mvr.gov.mk
Tweet |