Петар Печков
Објавено: петок, 22 јануари 2016
Двајцата обвинети, Ѓоре Петровски и Благоје Ѓурчиновски, дека ја запалиле селската амбуланта и продавница во Ореше, добија повторно по четири години затвор, но и заеднички да ја надоместат штетата предизвикана од пожарот кон оштетените сопствениците, ЈП за стопанисување со станбен простор и ЈЗУ Здравствен дом Велес, во висина од 2,3 милиони денари.
Истата пресуда им беше изречена и во претходното судење, а пресудата беше укината од Апелација и предметот вратен на повторно судење. Петровски и Ѓурчиновски беа прогласени за виновни за кривичното дело тешки дела против општата сигурност. Петровски е обвинет како порачател а Ѓурчиновски како извршител на делото за кое им се судеше.
Огнот бил подметнат од страна на Ѓурчиновски, ноќта помеѓу 31 јануари и 1 февруари 2007-та година а селската продавница и амбуланта изгореа до темел. Петровски за ова платил 800 долари. Ова според обвинението било сторено поради одмазда на Петровски, кон сопственикот на продавницата.
И двајцата обвините негираа било каква вина, тврдеа дека немаат ништо со делото. Наспроти нив сведоците Златко Арсовски и Борче Петровски ја потврдиле трансакцијата, кога Ѓоре од САД му испатил пари на Борче Петровски, кои преку Златко Арсовски стигнале за извршителот на пожарот Благојче Ѓурчиновски а истите биле како надомест за извршеното дело.
Петровски неодамна доби друга затворска казна за исто дело, тешки дела против општата сигурност. За запалена селска продавница и автомобил во Ореше, кое се случи на 16 март лани, Петровски доби 3 години затвор. И двете пресуди не се правосилни.
Tweet |