Петар Печков
Објавено: недела, 19 октомври 2014
„Подај ми го буковецот“, е една реченици што може да се слушнат меѓу Македонците на ручек, (појадок или вечера), дома, во ресторан или маалско кафеанче, особено ако на софрата, меѓу другото, има и печено лепче.
Буковецот, белег на нашата традиционална гастрономија, денес многу ретко се среќава во својата изворна форма. Дури постои и опасност да исчезне.
Иако буковец може да се сретне во секој ресторан во и надвор од нашата држава, сепак, овој пипер потекнува од селото Буково, Битолско, по што го добил и името. Правиме напори за колекционирање стари семиња од оваа сорта за да не се изгубат. Со тоа се задржува автентичноста, велат од Слоу Фуд Македонија кои реализираат проект за зачувување на буковецот.
Целта на проектот е, објаснуваат, заштита на црвената буковска пипер која е локално карактеристична и претставува важен растителен генетски ресурс, популаризација на нејзиното одгледување и преработка во зачин.И покрај комерцијалните сорти, буковецот доминира
Ќе се селектираат три домаќинства кои имаат семе од „прав“ буковец со автентично оригинално потекло и тоа потоа лабораториски ќе се анализира преку одредени параметри за утврдување 30 типични својства.
Ако повеќе од еден век буковската пипер успеала да се одржи, тогаш иднината е на страната на локалните жители. Низ годините се внесувале комерцијални сорти, но, сепак, квалитетот и, пред се, органолептичките својства биле пресудни за селектирање семе на крајот од секоја сезона од убаво развиените зрели пиперки од кои се прават долги низи, вели професорката Сузана Кратовалиева која е вклучена во проектот.
Според професорката Пеано која имаше можност да го дегустира буковецот, квалитетот е одличен.
Одгледувањето пиперки на висорамнински места како Буково, е економски неповолно, тешко може да се пласира на пазарот. Неколкуте прозиводители во селото се претежно стари луѓе кои тоа што го произведуваат главно го продаваат на познаници, оценува Пеано.
Реализацијата на проектот ќе се одвива во атарот на село Буково, општина Битола. Вклучува теренска посета на експерти чија единствена цел е да ги утврдат својствата на плодовите и растенијата на локалната популација најблиску до исходната форма.
Семето е чувано и пренесувано на генерации, поради што не очекуваат поголеми проблеми. Доколку не се најде доволно семе, ќе се купува од семејства кои имаат буковска пипер.
За карактеризација на растението ќе се користат стандардите на Меѓународниот институт за генетски ресурси.Организацијата најавува и проекти за заштита на други македонски производи како гравот и леблебијата.
Tweet |