Петар Печков
Објавено: петок, 27 март 2026
Подземната катна гаража и плоштадот треба да бидат готови до есен и свечено отворени на Денот на општина. Ова го кажа градоначалникот Марко Колев, одговорајќи на советничкото прашање од Игор Стојанов до каде е изградбата на овој капитален објект.
„Имаме период на врнежи ова зимо. Динамиката е забавена поради колови кои се испитуваат. Анкерите се бушат, тие можат еден до два дневно да се завршат. Нивната работа е одговорна и внимателна. Нема никакви технички проблеми во изградбата. Се работи торкетирање. Бушењето оди споро, намалена е динамиката оти е со машини. Очекувам дека на 9-ти ноември, овој објект целосно ќе биде завршен. Побарав од фирмите кои работат да го завршат до овој рок“ – кажа Колев.
На претходните седници објасни дека во еден дел од изградбата имало застој во работите, во период на дислокација на споменикот на Рацин, сечењето на дрвјата, наоѓањето на авионската бомба.
Подземната катна гаража ќе биде на три ката, со капацитет од 100 возила, во длабочина од 15 метри. Ќе се изгради и плоштад, кој ќе се уреди, ќе се врати споменикот на Рацин, засадат нови дрвја и постави урбана опрема. Целосно овој капитален објект се гради со средства од Владата, обезбедени од Унгарскиот кредит.
Рокот за изградба на подземната катна гаража беше до март оваа година, по што би се продолжило со изградба на плоштад. И првата фаза, изградбата на подземна гаража и втората фаза изградба на плоштад, на јавен повик ги добија заеднички Делта пром и Стендон градба од Битола.
Договорот за првата фаза беше во вредност од 132 милиони денари а втората фаза од 91 милион денари.
| Tweet |









