речник контакт

Подрумот полн со вода, не е познато до каде доаѓа водата

Секојдневно истекува по 25 м3 вода или за еден месец истекува 750 м3. Од каде е таа?

Петар Печков

Во подрумските простории на семејствата Јошевски и Кочови, се полни вода. И тоа во големи количества и интензивно. Водата на улица Коле Неделкоски бр.19  се појавила при крајот на април и досега никој не констатирал од каде доаѓаа таа, дали е подземна дали е од градски водовод. Еден од сопствениците на куќата реагира на  институциите, кои според него избегнуваат да го решат проблемот.   

Водата се појави во скривницата која е под нивото на подрумот на 30-ти април. Реагиравме веднаш до ЈКП Дервен. Колку денови, толку објаснувања имаа. Но ништо не се презеде да се најде, од каде е оваа вода. Поради опасноста од водата да се сруши куќата, инсталирав мотор кој ја испумпува. Ако во првите денови интервалот на испумпување беше  пет минути тече, 20 паузира, сега тој падна на 12 минути пауза и 5 минути испумпува вода. Плус морам да плаќам повисока сметка за струја, која се троши за пумпање на водата  – објаснува Тони. 

Реагирале до локалната власт, до Центарот за управување со кризи, сите се прогласиле за ненадлежни.      

Прво ЈКП Дервен се прогласи за ненадлежен, па потоа дека водата е од комшија, што се покажа неточно, па дека ова е наш проблем оти се јавува дефект на линија после броило на водомер.  Имаме доток на вода од 25м3 или за ден месец цели 750 кубици, толку истекува. Таа вода ја  исфрлам во  канализација. Од водата сега влага се качува по подрумот нагоре кон куќата.   Скривницата  која е од Втора светска војна е долга 15 метри, широка 1 метар и висока 1,5 м . Што ако таа попушти од водата, минува тука во соседство, други куќи, улица, страв ми е да помислам какви последици може  да  има. Од ЦУК ни кажаа дека никаде во нивната документација нема скривница и затоа не преземат ништо  - додава Јошевски. 

Тие однеле од водата во Центарот за јавно здравје и таму констатирале дека  подземната вода која  истекува, имала исти  квалитет како водата која ЈКП Дервен ја дистрибуира за пиење низ градскиот водовод.      Од ЈКП Дервен одговарајќи на поставеното прашање, за  проблемот со подземните води, кај Градскиот саат посочија дека тиe ги истражувале причините за појавувањето на овие води.

ЈКП Дервен досега има извршено неколку тестирања со ископ на неколку места долж водоводната линија за која постои сомневање дека е дефектирана, но ниедно од досега спроведените тестирања не покажува појава на дефект, на сите места каде досега се извршија ископи водоводната линија беше сува . Беше привремено исклучена од водовод и семејната куќа за која постоеше сомневање дека има неисправна водоводна инсталација за да се утврди дали истекувањето доаѓа оттаму, но се утврди дека и тоа не е причинител на проблемот. Би сакале да ја информираме јавноста дека ЈКП Дервен нема да го занемари овој проблем, односно ќе продолжи со ископ за да се пронајде евентуален дефект на водоводната линија, но и дека не е исклучена можноста причината за истекувањата да е присуство на подземни води – пишува во информацијата на ЈКП Дервен. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »