Петар Печков
Објавено: среда, 14 август 2019
Велешкиот поет Игор Крајчев за краток период, доби две награди, меѓународната награда „Петар Канавелич и Корчула“ е добиена во мај годинава, на Корчула, а наградата ,,Јован Котески,,во јули годинава во Струга.
Меѓународната конференција „Петар Канавелич и Корчула“се одржа на островот Корчула, Република Хрватска, и на неа учествуваше и македонскиот автор Игор Крајчев, кој имаше свое научно-книжевно излагање на тема „Петар Канавелич и Јордан Хаџи Константинов Џинот“. Таму Крајчев ја имаше и првата промоција на својата нова поетска книга „21“, на македонски и англиски јазик.
Меѓународна награда „Петар Канавелич“, која секоја година ја доделува Хрватското книжевно друштво, токму на оваа манифестација и која до сега ја добиле значајни книжевни дејци од многу земји, годинава ја доби велешанецот Игор Крајчев за неговите книжевни и научни достигнувања. За нова книга „21“ Крајчев ја доби и престижната книжевна награда „Јован Котески“ за 2019 година, која традиционално се доделува на Струшките книжевни средби и тоа за нова необјавена поетска книга.
За наградите Крајчев вели дека е среќен што добива признанија од книжевната фела.
Признанијата не ми се приоритет, затоа што моето творештво не е заокружено и дека има уште многу што да кажам и придонесам за современата македонска книжевност. Секако тоа не значи дека истите не ми значат, туку дека ги прифаќам како своевиден патоказ дека се наоѓам на вистинскиот пат и како поттик за уште понапорна работа и уште нови дела - кажа добитникот Крајчев.
Tweet |