Петар Печков
Објавено: петок, 14 август 2026
Вчера попладне и вечер, четврток, било критично во село Богомила откако пожар зафатил стотина дрвени користени железнички прагови. Тие биле поставени на железничката станица во селото, а огнот се прошилил и кон првите куќи.
„Драматично беше во селото Богомила во општината Чашка, каде огнот дојде до првите куќи. Благодарение на брзата интервенција на локалното население и на пожарникарите од Велес, пожарот беше локализиран и ставен под контрола и изгаснат“ – кажа Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Гореле дрвени прагови кои биле складирани на железничката станица Богомила за нивна реупотреба. Истите се канцерогени и се забрануваат да се користат за палење и греење. Хемикалиите во дрвото создаваат црн, густ и силно загадувачки чад. Предизвикуваат и загадување, токсичните материи го трујат воздухот почвата и подземните води.
Во Законот пишува дека „палењето на стари железнички прагови е строго забрането и претставува сериозна опасност за здравјето на луѓето и природата“. Железничките прагови се премачкани со креозот или други опасни хемикалии за заштита од гниење, кои при горење испуштаат отровни и канцерогени гасови.
„Добивме пријава за пожар во Богомила, екипите на ТППЕ Велес беа на терен од 17 до 23,15 часот, кога пожарот е локализиран. Изгореа околу 8 декари ниско стеблеста и деградирана шума и железнички прагови“ – соопшти Димче Јованов командир на вод од Територијалната противпожарна единица од Велес.
Тие интервенирале со четворца пожарникари и две возила. На терен биле и доброволците од ДПД Бабуна од Чашка, цистерна на ЈПКД Тополка од Чашка, во чија општина спаѓа село Богомила, како и бројно локално население, кое го спасувало куќите од огнот. Тој во вечерните часови стигнал до првите куќи на влезот во Богомила, од правец на Велес.
Интервенирал и противпожарниот воз на Македонски железници кој е таму присутен и денес, заради контрола на состојбата.
Поради пожарот железничкиот сообраќај на релација Велес – Битола вчера попладне и вечер беше во прекин неколку часа.
| Tweet |











