Петар Печков
Објавено: сабота, 05 март 2011
Едно лице е полесно повредено во пожарот што избувна денеска околу 14 часот во подрумските простории на станбена зграда на улица „11 Октомври‘‘ бр 1, во близина на новото пазарче во Велес, над познатиот кафе бар ,,Сама,,. Oгнот е изгаснат благодарение на интервенција на пожарникарите, кои со нивната храбра, смела и пожртвувана интервенција ги спасија сите станари од заробените станови.
Кога стигнавме огнот беше во подрумските простории, каде имаше три боци со плин. Едната поради високата температура беше на прагот да експлодира и со силни напори успеавме да ја изнесеме од просторијата а подоцна и останатите две. Истовремено ги евакуиравме станарите од нивните домови - изјави Ристе Мицев, командир на Противпожарната единица од Велес.
Тој засега не може да каже што е причината за пожарот, но кога гаснеле во подрумските простории имало многу лесно запалив материјал, кој горел а станарите го чувале во подрум. Пламенот од нив бргу го зафатил просторот, па чадот од нив не дозволуваше станарите да избегаат од нивните домови, поради што мораа да бидат спасувани преку тераса. Пожарникарите на раце и пожарникарски скалила изнесоа 25 лица.
Пожарот избувнал во еден од подрумите на оваа станбена зграда, брзо се ширел и ги зафатил и останатите пет - шест подрумски простории кои целосно изгореле. Еден со станарите, од првиот кат раскажува што се случило критичниот момент.
Околу 14 часот се симнав до подрумот да земам нешто, кога наидов на чад и пламен. Соседот Јове излезе од подрумската просторија, притрча и побара помош бидејќи се запалила ракијата. Со сосетката која беше дошла да види што се случува, започнавме да носиме кофи со вода да гаснеме. Но огнот бргу се ширеше, па се качив до дома за да земам повеќе садови за вода. Кога повторно излегов, цел ходник беше со густ црн дим, од кој не се дишеше, и морав ја затворив вратата и повикавме пожарна. Бегавме од терасата а среќна околност е што сме на први кат и можевме веднаш да скокнеме. Соседите од повисоките катови беа заробени дома – вели сосед кој живее над подрумот кој горел.
Додека пожарникарите ги спасуваа станарите кои живеат до трети кат, од повисоките не можеа поради надоградените тераси, па тие од нив ја следеа состојбата. Но за нив тоа беше единствениот спас за чист воздух, бидејќи домовите беа преполни со густ чад и дима а преку скалите не може да избегаат. Дваесетина лица од високите катови меѓу нив и бебе и деца, три часа беа заробени дома, се додека не беше згаснат пожарот, околу 17,30 часот.
Повредениот Јован Танев (66), кој кога избувнал пожарот бил во подрумските простории, е надвор од животна опасност, информираат од Градската болница во Велес. Танев, кој бил зашеметен од чадот, го пронашле пожарникарите кога влегле во подрумот да интервенираат. Танев, како што изјави д-р Владислава Христова од Интерното одделение при велешката Болница, бил примен поради гушење од димот и главоболки. Пружена му е соодветна помош, по што на негово барање бил пуштен на домашно лекување.
Соседите и станарите од зградата на 11 Октомври бр 1. Со голема благодарност и пофалби за несебичната пожртвуваност на пожарникарите, кои храбро влегоа во подрумите да го гаснат пожарот а други ги спасува станарите од нивите домови.
Tweet |