речник контакт

Познати добитниците на општинските награди за 2013 година

Добитник на наградата за животно дело „Гемиџии“ e новинарот Предраг Димитровски. Наградата ќе биде доделена на свечената седница в петок

Петар Печков

Добитник на наградата за животно дело „Гемиџии“ за 2013 година
 
 
  Предраг Димитровски, новинар
 
Предраг Димитровски својата новинарска кариера ја градел во весникот „Вечер“, списанието „Медиум“, весникот „Дневник“, политичкиот магазин „Публика“. Паралелно со развојот на својата кариера како новинар и уредник, Димитровски работи на истражувачкото новинарство. Резултат од ова упорно трагање по фактите е архивата на македонскиот револуционер, гемиџија и прв министер за правда на Народна Република Македонија – Павел Шатев. Трагата го води во Загреб кај единствената жива наследничка на Шатев, неговата ќерка Милка Шатева која му ги става на располагање целата архивска граѓа што семејството успеало да ја сокрие од тогашната југословенска тајна полиција. Станува збор за ракописи од над 4000 страници што се дел од Хрватскиот државен архив чие законско отворање е дури во 2021 година..
 Највисокото општинско признание Спомен-плакета 9-ти Ноември за 2013 година го добија

 
 
1.    ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев“
 
               Детската градинка не е само место каде родители ги оставаат децата на престој. Детската градинка не им нуди на дечињата од претшколска возраст само храна, хигиена и пладневен одмор. Таа им дава дом, ги учи на убави навики, ги образува и насочува, ги подготвува за училиште и за предизвиците на улицата. Нејзините капацитети се максимално искористени, а квалитетот и успесите од работата континуирани.
 
2.    Младите на ОО на Црвен крст Велес
 
               Во 2013 година младите на ОО на Црвен крст од Велес го доби пехарот и првото место за најдобри хумани проекти во Македонија во конкуренција од 12 града од Македонија и 202 проекта.Покрај редовнита реализација на дејноста на Црвениот крст овие млади волонтери придонесоа за квалитетно подобрување на животот на двајца свои сограѓани, нивни врсници: Никола и Рамадан. Вложувајќи се себе си во обезбедувањето средства за нивно лекување, велешките волонтери помагаа на дело што значат зборовите пожртвуваност, хуманост, соживот и филантропија. Но покажаа и како може 40 млади активисти со мешан етнички состав и иста цел да работат тимски и да бидат успешни во остварувањето на високо поставените цели. Заедно реализираа хуманитарен меѓуетнички концерт, театарска претстава собирни акции и го испратија Рамадан на операција на окото, а Никола на лекување во Турција.. 
 
3.    Александар Јовановски – Мијак, слободен уметник
 
Денес работи како слободен уметник. Добитник е на бројни награди и признанија. Своето меѓународно искуство го стекнува со студиските посети на САД, Грција и Романија. За афирмацијата што ја прави на Велес и Република Македонија надвор од нејзините граници, за вкупниот придонес во афирмацијата на Велес во областа на уметноста и збогатувањето на културната ризница на општината.


Добитници на Благодарница 9-ти Ноември  за 2013 година се:
 
1.    ПОУ „Маца Овчарова“
 
               Благодарејќи на максималната ангажираност на вработените ПОУ „Маца Овчарова“ е интегрален дел на вкупниот културен и општествен живот во Велес. Во оваа 2013 година училиштето обележува 40 години самостојно работење што претставува јубилеј за почит.
 
2.    Група ИО „Димитар Влахов“
 
Извидничкиот одред „Димитар Влахов“ во 2013 година обележува јубилеј – 60 години извидништво во Велес и воедно во Македонија. Со своето учество на меѓународните скаутски средби и натпревари, ИО „Димитар Влахов“ го афирмира и промовира Велес, и Република Македонија
 
3.    Михаило Зиков – бизнисмен
 
Михаило Зиков е бизнисмен од Македонија што од 1995 година живее и работи во Слобозија, Република Романија. Од 2002 година откако ги продлабочува своите контакти и соработка со братската општина на Велес Општината Слобозија, Зиков станува вистински амбасадор на Велес и директен линк меѓу овие две општини.
 
Добитници на признанието Пофалница 9-ти Ноември за 2013 година се:
 
1.    Јордан Коларов – крводарител за 164 пати дарувана крв
2.    Синиша Јовиќ и Тамара Савевска – млади научници а сребрен медал на Олимпијадата на млади научници во Истанбул
3.    Марија-Хаџи-Ристова – планинар за освојувањето на Мон Блан

 
 Наградата Најстудент „Проф. д-р Ѓорги Шоптрајанов“ за 2013 година оваа година ја понесе студентот
 
 
 Маја Марковска – студент на постдипломски студии на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип
 
Маја Марковска Економскиот факултет го завршила во 2012 година со просек 10,00 и веднаш, во континуитет го продолжила своето образование како редовен студент на постдипломски студии, со досегашен просечен успех 9,83.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »