речник контакт

Познати жени - Елизабет Арден

Козметичките производи и парфеми со потписот на Елизабет Арден веќе со децении се синоним на луксуз и престиж.

Петар Печков

Козметичките производи и парфеми со потписот на Елизабет Арден веќе со децении се синоним на луксуз и престиж. Тие асоцираат на жена со огромна енергија и деловен дух кој го вградила во своето козметичко царство, компанијата „Елизабет Арден“. И како што рекол еден славен американски новинар и колумнист од 30-тите години, името Елизабет Арден е едно од трите најпознати американски бренда заедно со машината за шиење „Сингер“ и „Кока-кола“.

 

Биографија

 

Се родила во Канада, во 1884 година како Флоренс Најтингејл Грахам. Иако рано го напуштила училиштето за негувателки, Флоренс Грахам целиот живот била заинтересирана за наука и хемија, особено за областа за производство на козметички производи. Кога сфатила дека професијата медицинска сестра не ја интересира, му се придружила на својот постар брат во Њујорк каде што тој работел како книговодител на една голема фармацевтска компанија. Во лабораториите на оваа компанија таа поминувала многу време учејќи од најдобрите, како и од експериментите што самата ги изведувала. Импресионирана од лабораторијата на оваа куќа, вредно учела се за нега на кожата. Потоа се вработила кај госпоѓа Еленор Адер која имала свој салон и која рано почнала да се занимава со општата култура на убавината. Флоренс брзо учела, а госпоѓа Адер го воочила нејзиниот талент за трговија. Вооружена со самодоверба била подготвена самостојно да почне бизнис, но бидејќи немала пари за тоа, во 1909 година отворила салон заедно со госпоѓа Елизабет Хубард која исто така се занимавала со унапредување на разубавувањето на жените. Меѓутоа, партнерството со Елизабет Хубард не траело долго, па таа во потполност го презела раководењето со фирмата, како и нејзиното име. Практично, називот на фирмата „Елизабет Арден“ произлегол од спојот на името на нејзината колешка и презимето на главниот јунак на поемата „Енох Арден“ на англискиот поет лордот Тенисон. По распаѓањето на ова партнерство всушност и почнува новиот живот на девојката која имала визија да им помогне на жените со правилна нега на лицето да ги „намалат“ годините. Инаку, со новиот идентитет и се чинело дека побрзо ќе стаса до престижот и гламурот кон кои тежнеела. И преостанало уште да се снајде за пари, но и тоа го решила позајмувајќи 6 илјади долари од братот. Со тие пари направила пресвртница во својот живот – во 1910 година го отворила првиот салон на познатата Петта Авенија во Њујорк, славниот „Ред Доор Салон“.

 

Ривалството со Хелена Рубинштајн

 

Во 1914 година, непосредно пред почнувањето на Првата светска војна, таа отпатувала во Франција за да се запознае со софистицираните париски техники на шминкање и нега. Тоа било нејзино прво патување во странство. Од градот на светлината Елизабет се вратила со „куфер“ знаење, но и со колекција на кармини и пудри кои самата ги креирала. Нејзиното враќање било спектакуларно, се вратила со сменет изглед, кратко ишишана коса по последната мода и нашминкана како париските дами.

 

Од тој момент се тргнало на подобро, работата тргнала, фирмата се проширила, а на врвот од својата кариера Елизабет Арден важела за една од најбогатите жени на светот, токму како и Хелена Рубинштајн. Всушност, приказната за овие две ривалки е навистина интересна и полна со заеднички нешта. Обете дами потекнувале од сиромашни семејства и почнувајќи од нула со време направиле вистински козметички империи. Двете биле моќни и способни и двете француската влада ги закитила со признанија од Легијата на честа. Ривалството помеѓу нивните компании не можело да се прикрие од јавност. Во една пригода Хелена Рубинштајн изјавила: „Со нејзината амбалажа и мојот производ би можеле да вледееме со светот!“. Можеби најинтересниот факт врзан за нивната приказна е тоа што тие две, иако живееле прилично близу една до друга, никогаш не се запознале. Двете биле инспирација за документарецот „The Powder & the Glory“ снимен во 2007 година.

 

Во 1918 година, Елизабет Арден се омажила со Томас Луис, кој бил американски државјанин, а преку него и таа добила американско државјанство. Томас Луис бил и нејзин бизнис менаџер се до нивниот развод во 1935 година. Таа никогаш не дозволила тој да има сопствени акции во нејзината компанија, па по разводот тој заминал да работи токму за конкурентската фирма во сопственост на Хелена Рубинштајн.

 

Во 1922 година, Елизабет Арден го отворила својот прв салон во Франција. Во текот на годините изградила огромна козметичка империја со повеќе од 40 салони низ светот и илјадници козметички производи на пазарот.

 

Дел од нејзиниот бизнис била и линијата на бањи и спа центри кои почнале да никнуваат од 1934 година кога таа од својот летен дом во Мејн направила центар за убавина. Еден од нејзините заштитни знаци било тоа што секогаш се облекувала во розева боја. Нејзината „фабрика за убавина“ продолжила да живее и откако нејзината сопственичка, во 1966 година, починала. Таа ги удрила темелите на модерната американска козметичка индустрија, а како признание за своите заслуги во таа индустрија во 1962 година добила од француската влада одликување на Легијата на честа. Елизабет Арден го свртела вниманието на жените кон убавината, негата и шминката и станала поборник на таквиот начин на разубавување.

 

Меѓу најбогатите жени на светот

 

На врвот од својата кариера важела за една од најбогатите жени на светот, но своето богатство не го стекнала со штедливост. Постапувала во согласност со својата филозофија: „парите постојат за да се трошат“. Често велела: „повеќето жени би дале се за убавина“ и била во право. Нејзиниот чудесен изум – осумчасовната крема „Елизабет Арден“, која и ден денес се произведува по истата формула е единствената работа што многу современи жени би ја понеле со себе на пуст остров. Кремата за лице „Аморета“ е нејзиниот најдобро продаван производ кој го создала во соработка со хемичари. Што се однесува до нејзината универзална „Eight Hour Cream“, таа доживеала голем успех и станала пандан на јапонските и европските „митски“ креми (првата Шисеидова крема „Еудермин“ и славната „Нивеа“), кога во првата половина на минатиот век завладеала со Америка. Секогаш оригиналната Мис Арден ја лансирала во 1935 година, со необичен слоган: „Пробајте ја! Јас ја користам за своите коњи!“ За осмочасовната крема отсекогаш кружеле неброени легенди па Елизабет не морала ниту да ја рекламира. Колку е чудесна таа крема, толку е бизарна и приказната за нејзиното настанување. Имено, Мис Арден имала ергела тркачки коњи кои ги негувала со разновидни креми. Со желба да бидат најсјајни на трките, наводно, и оваа крема првично ја користела „за сјај на коњските влакна“. Конечно, името на таа крема за коњи случајно му го дала една пријателка на Елизабет, нанесувајќи му ја на синчето на гребнатина која му зацелила за чудесни осум часа.

 

Така настанала Eight Hour Cream, мелемот без кој светските супермодели денеска не можат да живеат, а визажистите го користат во сите можни цели, па и како сјај за усни. Но, тука не престанува пописот на примени на таа чудесна лековита крема која ги зацелува ситните исеченици, ги негува заноктиците и усните и делува како ноќна регенеративна крема.

 

Елизабет Арден по многу нешта била пионерка на козметичката индустрија. Прва ангажирала бјути амбасадорки, измислила Тотал Лук – усогласеност на бојата на ноктите, руменилото и карминот, а во нејзиниот салон на њујоршката 5 авенија се случил првиот мејк-оувер  во Америка. Тоа навистина бил успех за сиромашната медицинска сестра која своите први креми против изгореници ги „матела“ во трошната семејна кујна.

 текстот е преземен од МИА

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »