Петар Печков
Објавено: понеделник, 25 ноември 2024
На деншното рочиште понедленик 25 ноември, на судењето на обвиентите за убиството на детето Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, сведочеа и двајца полицајци. Тие во својство на сведоци нa обвинителството, откако биле дел од придружбата која го превезувала обвинетиот Велибоr Манeв, до мeстото кое тој открил, каде е закопан убиениот Панче Жежовски.
Сведокот Игор Јанушев, службено лице ангажирано за настанот изјави дека според кажувањата на Велибор Манев, тие се движеле накај Велес.
„На 3 ти декември тргнавме кон Велес. Во моето возило беше Велибор Манев. Прво се возевме, а потоа одевме пеш по земјен пат. Патот до местото беше непрооден и со дупки, па возилата ги оставивме подолу. Велибор на колегите од СВР Велес им посочи: „Тука е местото, тука има закопано човек”. Местото беше покриено со гранки. По 15-тина минути го вративме Велибор во полициската станица“ кажа Јанушев, кој појасни дека нивна задача бил спроводот на Манев од Скопје до местото Кула и назад.
Зоран Абаз, вработен во Министерството за внатрешни работи, сведочеше дека на 3.12.2023 година бил ангажиран за преземање службени дејствија за пренос на лице од едно на друго место.
„По добивањето на конкретна задача, го преземавме лицето и го однесовме до патарина Велес, каде што не пречекаа колеги. Велибор ги даваше насоките до местото каде што требало да се ископа дупка за да се најде тело. Кога почнаа да работат бевме тука, после тоа требаше да се вратиме во станица, го преземавме лицето и се вративме во станица - рече тој.
На првото одржано рочиште, обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.
Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.
На крајот на денешното рочиште од судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, еден од обвинетите, Влатко Кешишов, кој на претходното рочиште ја смени изјавата за учеството на Палевски во случајот, сега кажа дека изменетата изјава не е негова.
Во изменетата изјава тој кажа дека Љупчо Палевски-Палчо не бил присутен за време на грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски. Денеска Кешишов пред судот кажа дека таа изменета изјава ја напишал под принуда на Палевски додека со комбе биле спроведувани заедно во затворот каде издржуваат притвор.
„Изјавата не е моја”, рече Кешишов додавајќи дека со Палевски на два пати заедно биле превезувани.Тој појасни дека од Палевски во комбе му било дадено ливче со напишана изјава и му било кажано да ја препише со свој ракопис и да ја поднесе до судот. Прашан од судијата зошто го направил тоа, Кешишов одговори: „Од страв“.
Неговиот адвокат Игор Ефремов во изјава за медиумите рече дека Кешишов ја повлекува изјавата. Во врска со тоа што на двапати Манев и Кешишов биле спроведувани од и во затворот заедно, судијата на крајот од денешното рочиште ѝ наредил на затворската полиција спроводот да го врши со четири комбиња, односно секој од обвинетите да биде посебно спроведуван.
На претходното рочиште судијата Ивица Стефановски извести дека обвинетиот Влатко Кешишов поднел писмена изјава доставена од затвор, во која вели дека Љупчо Палевски-Палчо на 22 и 27 ноември минатата година не бил со него, со Велибор Манев и со Боре Видевски кога биле грабнати и убиени Вања и Панче и дека спиел во штабот на партијата Десна.
Tweet |