Петар Печков
Објавено: среда, 23 јули 2014
СВР Велес го осомничи лицето Зоран Д. ( 48 год) како сторител на убиството на 17 јули годинава. Против него по целосното комплетирање на случајот ќе биде поднесена и кривична пријава, а судија во претходна постапка му одредил мерка притвор од 48 часа и осомничениот е во Шутка.
По спроведена неколкудневна интензивна истрага, врз основа на обезбедени оперативни сознанија и информации, поради постоење основано сомнение дека е сторител на кривично дело “убиство“ СВР Велес го приведе лицето З.Д. (48) од Велес – изјавија од МВР.
Полицијата во писмената изјава тврди дека го расчистила случајот со убиството на 90 годишниот Јован Цилаков, чие што тело беше пронајдено минатата недела, во четвртокот, во кругот на Гимназијата “Кочо Рацин“.
Според првичните сознанија убиството се случило на 17.07 околу 17 часот при што осомничениот кој инаку бил бездомник и зависник, искористувајќи го моментот кога старецот му бил завртен со грб го удрил со камен по главата, по што жртвата паднала а потоа му нанел уште неколку удари со каменот. По убиството Зоран Д. од џебот на Цилаков земал околу 200 денари и заминал. Од полицијата информираа дека по приведувањето и извршениот службен разговор осомничениот во целост го признал делото и ги опишал околностите и деталите од убиството.
Истиот вчера попладне беше изведен пред надлежен Судија на претходна постапка од ОС Велес кој му изрече мерка притвор во траење од 48 часа. Зоран Д. досега не сторил никакво кривично дело и не е пријавуван во полиција. Тој по смртта на мајка му пред неколку месеци, бил во несогласување со татко му, па го напуштил домот и живеел во паркот и на отворено.
Tweet |