речник контакт

Полицијата потсетува на опасностите од пиротехниката и огненото оружје

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните за максимална воздржаност,

Петар Печков

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните за максимална воздржаност, односно  избегнување на употреба на петарди, ракети и други пиротехнички средства, не само поради нивната законска санкционираност туку и поради опасностите по објектите, имотите и здравјето на луѓето, особено на најмладите од разните пиротехнички средства. Исто така МВР апелира до граѓаните за секакво избегнување на употребата на огненото оружје во прославите, со што ќе се спречат сите можности прославите да се претворат во индивидуални трагедии. Во пресрет на Божикните празници и Нова Година, Министерството за внатрешни работи, деновиве превземаат интензивни активности за детално и навремено информирање на граѓаните во врска со опасностите, штетите и санкциите од употребата на пиротехнички средства во рамките на прославите.

Имено, во периодот од 2005 до ноември годинава регистрирани се 55 случаи на повреди од заталкани куршуми при што четири лица (три во 2005 и едно во 2006 година) го загубиле животот, додека пак 52 лица биле повредени. Притоа, важно е да се има предвид податокот дека половината од овие инциденти се случиле во периодот од новогодишните празнувања.    

Статистичките податоци и во врска со употребата на пиротехниката неумоливо говорат за тоа дека голем е процентот на оние коишто како резултат од ракување со петарди и пиротехнички средства  се здобиваат со повреди , а не е мал бројот и на оние кои се соочуваат со сериозни и трајни последици по сопственото здравје. Од употреба на петради и други пиротехнички средства секоја година во светот околу 150.000 лица остануваат трајни инвалиди, а од оваа бројка дури 80 проценти или околу 120.000 - се деца, коишто тоа \"задоволство\" го плаќаат со траен инвалидитет.

Притоа, најчести повреди како резултат од употребата на пиротехниката се јавуваат: изгореници – најчесто од висок степен како резултат на присуството на одредени хемикалии во пиротехничките средства; оштетување или губење на слухот – при детонација на петарди и други пиротехнички средства се создава звук со јачина од 120 децибели и доколку петардата експлодира во близина на увото или во затворен простор чести се сериозните или трајни оштетувања на слухот; оштетувања на видот или слепило – како резултат на високите температури или искрите и хемикалиите што при експлодирањето се појавуваат; ампутација – односно губење на прсти, делови од шака, како резултат од експлозивната моќ на петардите и несоодветното ракување со нив.

Се разбира петардите и другите пиротехнички средства, покрај ова, се и чести причинители на пожари, но и на оштетување на предмети, објекти, имот.

МВР, исто така, ја потсетува јавноста и граѓаните дека употребувањето на пиротехниката е законски казниво дело, па затоа, како и досега, и во наредниот период ригорозно ќе продолжи во спроеведувањето на позитивните нормативни акти во интерес на зачувување на јавниот ред и мир и безбедност на граѓаните. Веќе течат низа активности на полициските акции во насока на превентивно делување, а дел од активностите полицијата ќе ги насочи и кон откривањето и фаќањето на уличните продавачи и сите оние коишто нелегално продаваат пиротехнички средства, особено во близина на училиштата. Исто така, МВР информира дека согласно Законот за прекршоци против јавниот ред и мир предвидени се парични казни и за малолетници над 14 годишна возраст, кои на јавно место употребуваат пиротехнички средства. Висината на казната изнесува од 200 до 500 евра, додека пак за малолетници кои не наполниле 14 години казната се изрекува на родителот и истата изнесува од 600 до 800 евра. Граѓаните ќе можат секоја продажба на пиротехника да ја пријавата во најблиската полициска станица или на бесплатниот телефонски број 192.

Инаку, во периодот од 2005 до ноември 2008 година, одземени се вкупно 1.206.562 парчиња петарди. Гледано по години, во 2005 година, се одземени 590.730 парчиња петарди, 2006 година - 188.006 парчиња петарди, 2007 година - 395.468 парчиња и до ноември 2008 година- 32.358 парчиња петарди.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »