Петар Печков
Објавено: четврток, 06 мај 2021
Првото годинешно авионско третирање против комарци ќе се спроведе понеделник на 10-ти мај, во временскиот период од 5 до 6,30 ч. најавија од Општина Велес. Доколку временските услови не дозволат извршување на авионско прскање, тоа се одложува за наредниот ден, вторник 11-ти мај.
„Со третирањето ќе биде опфатено целото градско и приградско подрачје, како и целото течение на реката Вардар на овој потег. И оваа година ќе се третира рекреативниот центар езеро Младост со непосредната околина. По спроведена постапка за извршување на овие активностите избран е операторот Друштво за авио услуги ДООЕЛ „Бониер“, а надзорот го врши ЈЗУ Центар за Јавно здравје – Велес. Третманот се врши со средство Ciceron 2.0 ulv, производ од BioGenesi - Белград, Србија кое се разредува со растително масло“ - соопштија од локалната власт.
Границата, на третирањето е: езеро Младост, село Отовица, месност Јарбош, по течението на Вардар од север од Башино Село низ Велес, се до вливот на реката Бабуна и село Горно Караслари. На запад границата започнува од населбата Превалец, преку населбата Керамидна кон фабриката „Киро Ќучук“ и Горно Оризари.
„Се известуваат граѓаните, да ги покријат автомобилите или да ги измијат по спроведувањето на третирањето. Избор на средството е поради ниските дози и ниската токсичност за цицачите и човекот. До денеска не е забележано мутагено, канцерогено, ни тератогено дејство на пиретринот и пиретроидите. Одобрено од Министерството за здравство на Република Северна Македонија, број на решение 19-110/2 од 07.03.2017 година и измена на решение број 19-188/1 од 7.02.2020 година“ - дополнија од Општина Велес. .
Се известуваат пчеларите во времето на третирање и 3-4 часа потоа да ги затворат кошниците со пчели, заради можноста од влијание на средството со кое се врши третирањето врз безбедноста на пчелните семејства.
Tweet |