Петар Печков
Објавено: среда, 08 февруари 2023
Неколку дена мерните инструменти за квалитетот на воздухот во Велес не покажуваа вредности за ПМ10 честичките, додека другите елементи, ПМ 2,5 честички, CO, SO2, беа прикажани со часовни.
Причината што не работеа биле градежни работи во близина на мерната станица во населба Тунел, и можноста апаратурата да се оштети, соопштија од Министерството за животна средина (МЖС), во чија сопственост е мерната станица. Истата од вчера, била повторно вклучена во системот на мерење на вредностите.
„Во период од 2 до 7 Февруари 2023 инструментот беше исклучен поради изведување на интензивни градежни активности на ул.„Благој Ѓорев“ – Нова населба во непосредна близина на станицата, на оддалеченост од неколку метри и можноста да се оштети, запуши инструментот со покрупни честички чиј извор се изведбените работи. Од страна на градежна компанија се вршеше отстранување на горниот дел од асфалтот на улицата, при што од самиот процес на гребење, како и од погонското гориво на масивната градежна механизација се емитираше голема количина на прашина“- соопштија од МЖС.
Во периодот пред да се исклучи мерната станица, поради близината на градежните активности, беа измерени енормно високи вредности на ПМ 10 честички во воздухот во Велес.
Од Министерството потсетуваат дека во вакви случаи изведувачот е должен да врши прскање на улицата заради намалување на концентрацијата на секундарната прашина. Надлежните лица од општина Велес информирале дека поради минусните температури, не може во целост да се постапи кон задолжението на градежната компанија да врши прскање, поради постоење на можност од замрзнување на коловозот.
Тоа пак би можело да предизвика несигурност и сообраќајни незгоди. Најавено е дека целиот процес можно е да се повтори уште еднаш, со гребење на другата половина на улицата.
Tweet |