Петар Печков
Објавено: четврток, 15 јуни 2023
Поради постоење на основано сомнение дека Славче И. 61 годишниот жител на село Подлес, Градско е сторител на кривичните дела Убиство, Убиство во обид и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи, јавен обвинител од ОЈО Велес, донел Наредба за спроведување на истражна постапка против него. При инцидентот смртно настрада Миле Димов (42 год) од Велес додека М.В.(44 год) се здоби со прострелна рана. Настанот се случи на 12.јуни година во село Подлес, Градско
„Двајцата соседи на осомничениот со цел да се приклучат на мрежната водоводна инсталација со соодветен алат започнале да извршуваат ископ на земја на десетина метри од влезната врата на осомничениот. Осомничениот со кого оштетените имале претходно нарушени односи откако ги забележал, дошол со полуавтоматско кусо огнено оружје – пиштол што неовластено го поседувал и започнал да пука кон нив. Притоа едниот оштетен бил ранет во пределот на левата надколеница, додека вториот починал на местото на настанот од здобиените прострелни рани на левата страна од стомакот и левата нога“ – соопштија од ОЈО Велес.
Ценејќи дека постојат околности што укажуваат дека осомничениот може да побегне, дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоци и вештаци, како и дека може да го повтори делото, до судијата на претходна постапка при Основниот суд Велес доставен е предлог за определување на мерка притвор против осомничениот. Судијата го прифатил предлогот на обвинителството и со Решение определи притвор во траење од 30 дена.
Од СВР Велес претходно соопштија дека и покрај тоа што помеѓу лицата имало нарушени меѓусебни односи, немало забележано пријава до полиција, од било кој од нив за закани или физичка пресметка.
Tweet |