Петар Печков
Објавено: недела, 09 август 2020
Ниту по три и п пол дена нема вести дека е пронајден исчезнатиот Спасе Димовски (51 год) од Велес. Него и денес блиските, роднините и пријателите го бараа во тешко достапниот терен на селото Белештевица.
Димовски според информацијата од МВР исчезна на 6-ти август во 14.47 часот во село Белештевица, велешко, на место викано Лавчани, од надојдената вода на локалната река.
Вчерашното невреме во целост го измени теренот. Ништо не е како што беше претходно. Поројницата Белештевичка река, синоќа повторно направила пустош, однела дури и дрвја. Во вакви услови, иако бевме повеќе луѓе, не можевме да го пребаруваме теренот - вели Лефко Димовски, брат на исчезнатиот Спасе.
Тој се сомнева дека телото на брат му може да е стигнато и до реката Вардар и затоа ги замолува риболовците, земјоделците кои имаат површини покрај реката ако видат нешто сомнително да ги информираат.
Од велешката ТППЕ, чии вработени биле ангажирани во пребарување на теренот првиот ден, во четвртокот, велат дека ќе се приклучат, кога за тоа ќе има услови.
И реката Вардар е со големо ниво. Не е можно да се врши пребарување. Опасноста е по луѓето кои се наоѓаат покрај неа. Затоа ќе се приклучиме во потрагата веднаш кога ќе се создадат услови за безбедност на трагачите- изјави Љупчо Лепидовски, командир на ТППЕ од Велес.
Tweet |