Петар Печков
Објавено: недела, 16 март 2014
Хамбуршкиот музеј на автомобили Прототип му посвети посебна изложба на легендарното Порше 911 по повод неговиот 50. роденден . Изложбата за класиката меѓу спортските автомобили, со прикажаните возила, нуди информативен увид во еволуцијата на Порше 911.
Вистинските љубители го препознаваат Порше веќе по звукот на моторот. 911 е бројка која претставува икона, легенда.
Усовршуван сѐ до денес
Порше 911 е наследник на моделот 356. Специјалната изложба во пристанишниот кварт на Хамбург е оддавање почит на овој легендарен спортски автомобил. 911-ката за првпат се појави 1963. година на тест патека кај Штутгарт. Новиот модел требаше во сите сегменти да биде подобар од својот предходник и сепак да остане спортски двосед. „Преку силуетата на автомобилот за секого требаше да биде препознатливо дека тоа е Порше. А тоа значи купе-форма“ , објаснува Симон Дракер, куратор на изложбата „50 години Порше 911“.
911-ката беше развивана и усовршувана се' до денес.
„Класичната форма на Порше 911 е дефинирана со рамната, нагоре закосена хауба и заоблените странични калници, кружните светла напред, потоа тука се издигнува линијата на покривот и во прекрасна форма се претопува во задниот дел, на кој повторно се наоѓаат заоблени и истакнати калници, се’ до овде, каде е сместен шестцилиндерскиот мотор со воздушно ладење“, истакнува Дракер.
Изложбата „50 години Порше 911“ ги импресионира и членовите на клубот на љубители на Порше од Хамбург. Во музејот најнепосредно може да се доживее митот за овој автомобил. „Ова е првобитниот тарга-модел“, покажува Томас Матренс од Порше клубот во Хамбург во еден од изложените модели и продолжува: „ Се појави некаде 1964-65. Во тоа време веќе немаше кабриолети. И затоа овие први автомобили тука се со меки покриви. 356 беше младешки сон, тоа беше првиот автомобил, уште се сеќавам, во кој фрлив поглед внатре и на брзинометарот пишуваше 250.“
Porsche 911 S Urmodell von 1963
Возбудливи приказни од минатото
Фасцинацијата за легендарниот автомобил музејот ја претставува на 3 нивоа. Изложени се над 40 специјални тркачки автомобили, прототипи и ретки спортски возила. Големо внимание е посветено и на приказните за конструкторите и возачите. На пример, Ото Мате 1952. година го направи првиот формула-болид на Порше и откако доживеа несреќа на трките возеше со една рака.
„Со оглед дека имаше само една рака, во кривините имаше одреден проблем кој го решаваше многу едноставно. Со градите го притискаше воланот, за со левата рака да ги менува брзините“, раскажува кураторот Дракер . На овој начин, Ото Мате победи во речиси сите трки во кои учествуваше.
Насекаде во музејот се прикажуваат и филмови кои дополнително ја засилуваат фасцинантноста на ова возило и раскажуваат приказни од историјата на авто-мото спортот. Оти, автомузејот не е само за вљубениците во Порше.
текстот е преземен од Радио Дојче Веле
Tweet |