Петар Печков
Објавено: среда, 23 јуни 2010
Наместо силата на зборовите да бидат аргументи, кај велешките млади се бележи пораст на аргументот на силата и тупаницата. Рапидно е зголемен бројот на физички напади во првото тримесечие годинава во Велес, споредбено во однос на 2008-та и 2009-тата година, покажуваат бројките кои неодамна ги презентираше СВР Велес. Тоа беше повод тие на отворена трибина и во рамките на советодавната група да разговараат со сопствениците на угостителски објекти, бидејќи сметаат дека алкохолот е причина за тепачките.
За првите три месеци од оваа година велешката полиција регистрирала 81 физичка пресметка што е половината во однос на целата ланска година, кога имало 158 а година дена претходно во 2008-та 152 физички напади. Состојбата е алармантна бидејќи оваа година може да биде година на пресметки пред се на младите велешани, кои се соживуваат во главните улоги на негативци, во нивниот филм, како се живее животот.
Годинава имаме зголемен број на физички напади, споредбено со претходните две години. Може да се посочи алкохолот како причина за нарушувањата на јавниот ред и мир, преку физички напади и пресметки, меѓу поединци и групи – изјави Ненко Александров раководител на одделението за превенција при СВР Велес.
Тој при средбата со велешките угостители ги потсети на законската обврска дека на малолетници не им се точи алкохол, но и дека за нив престојот по полноќ во овие локали е забранет. Токму затоа полицијата најмногу ќе работи на овој проблем, пред се со зачестени контроли. Но за негово надминување ќе биде потребно вклучување и на семејството и враќање на домашната контрола.
Младите се во меѓу просторот на системот и времето во кои живееме. Некогашните вредности се девалвирани а децата оставени сами на себе. Родителите се борат за егзистенција и малку време обрнуваат на децата, кои се почесто фаќаат кон чашката што резултира и со физички пресметки. Од друга страна угостителите во желбата за профит, не гледаат кого и што служат. Така распнати меѓу двете страни, младите се докажуваат преку ќотек и алкохол – вели велешки социолог.
Набргу по состанокот со локалните угостители, велешката полиција изведе неколку ноќни акции на контрола на објекти за присуство на малолетници и точење на алкохол за овие лица. Резултатот е негативен, немало ниту еден прекршок. На ваквата состојба реагираа велешките советници кои ја запрашаа полицијата зошто овие контроли ги врши во едни објекти, иако во исто време на друго место се собрани илјадници млади на концерт на српска турбо –фолк ѕвезда, таму контрола за присуство на малолетници и точење алкохол не била изведена.
Во таква маса на присутни, доколку би спровеле таква акција би имала контра ефект, би дошло до негативни реакции – им одговори на советниците Александар Костовски командир на велешката полиција. Од таму пак помнат во првите акции, кога во полициска станица биле приведени десетици млади кои после полноќ се затекнати во угостителски објект , на реакциите на нивните родители. Откако биле информирани дека децата треба да дојдат да си ги земат од полициска станица, родителите поспани прашувале од кога тој закон важи, детето само знаело дома да си дојде, зошто ги буделе и слични смешни констатации.
* * * * * * * *
Велешани како најинтересна тепачка ја помнат таа помеѓу неколку жени поради озборување,од почетокот на годинава. Тогаш М.М.(22) и Е.Д.(19) двете од Велес на 27.фебруари годинава околу 17,40 часот преку незаклучена врата влегле во куќата на К.О. и поради претходни озборувања од страна на нејзината ќерка, физички ја нападнале мајката. Но откако дошле нејзините ќерки, двете пријавени физички нападнале и една од нив, за што заработија кривична пријава за насилство.
Tweet |