Петар Печков
Објавено: четврток, 04 март 2021
Амбасадорот на Јапонија, во Скопје Хиронори Савада, го потпиша договорот за грант со директорот на велешка Болница д-р Божидар Бојаџиев. Тој е наменски за набавка на дигитален рендген апарат и е во вредност од 60.748 евра. Проектот има за цел да се обезбеди висококвалитетна здравствена нега за граѓаните на Велес и околните општини во Повардарскиот регион, кои ги користат здравствените услуги на Општа болница Велес.
„Ние сме многу среќни што можеме да ви помогнеме. Пријатели кои си помагаат во несреќа се вистинските пријатели“ - рече амбасадорот Савада.
Ова е осмиот договор во 2021 година, во рамките на јапонската GGP-програма за мали грантови за основни човекови потреби и безбедност на граѓаните во Македонија. Годинава ќе бидат доделени десет гранта во земјава, во висина од 540 илјади евра и сите за здравствените институции, поради состојбата со ковид пандемијата.
„Добиваме кога ни не најпотребно, дигитален рендген апарат, бидејќи болницата располага само со еден , кој е недоволен да ги задоволи потребите на нашите пациенти, посебно сега во време на ковид пандемијата. Со неговата набавка ќе се подобри квалитетот на услугите. Апаратот има помала зрачна доза, побрз и квалитетен преглед“ - кажа директорот д-р Бојаџиев.
Тој се заблагодари на амбасадорот Савада и на јапонски народ за донацијата, и потсети дека и досега болницата од нив повеќепати добивала помош во техничка помош и апарати. Преку проектите од програмата за мали грантови (GGP), Јапонија има финансирано реновирање и набавка на опрема за повеќе од 70 училишта и градинки, 47 здравствени установи и обезбеди 31 специјализирано возило за управување со отпад и комунални услуги за 49 општини во сите 8 региони во државата.
Од 1996-та Јапонската амбасада во Македонија има подржано 148 проекти, од нив 47 биле со здравствени институции. Заклучно со 2020-та поддршката изнесува седум милиони евра.
Tweet |