речник контакт

По два месеци суша, водата за поливање стаса до Росоман и Градско, откако беше отстранет дефектот, но последиците по овошките ќе се чувствуваат со години

Локалните власти од Росоман и Градско добиле обврска да ги евидентираат предизвиканите штети од сушата, поради хаваријата на системот „Макарија“ кои Владата ќе ги надоместела

Петар Печков

Изминатиот  викенд низ цевководот „Макарија“ потече вода и земјоделците од Росоман и Градско добија вода за поливање. Според Владата  системот бил  саниран во најбрз можен рок во најголемата хаварија од водостопанската инфраструктура досега во Македонија.

Тие честитаа на сите што беа дел од решавањето на овој тежок и комплексен проблем.  Но последиците од тоа што земјата остана сува два месеци од 27 мај до 30 август, остави  силни траги врз родот.

„Од толку лош што беше квалитетот на праската, моравме да го фрламе или некои го даваа за производство на густи сокови. Од што нема вода, таа омекна и не е за јадење. Од есен ќе ги сечеме дрвата. Штом немаа вода, ќе немаат род догодина, папките ќе се исушат. Тоа го знаат стручњаците“ - вели жител на Росоман.

Некои од нив планираат да ги копачат овоштарниците,  оти ќе било поисплатливо. Наместо да се купуваат дрва за огрев, да го користат дрвото од праската.

„Не само праската, туку и кајсијата немаше род. Полегна родот по земја. Кој може толку време да издржи, два месеци без капка вода. Иако некој копаа бунари, нешто спасија, целиот овој регион не само годинава и следните ќе ги чувствува последиците од хаваријата на системот“ - вели друг жител на Росоман.

Жителите на Сирково реагираат што само 5 отсто до расадот на домати и пипер годинава се фатил, поради сушата дури 95 морале да го фрлат.

Министерот за земјоделие Љупчо Николовски најави дека за земјоделците од Росоман и Градско предвидуваат обесштетување за настанатите штети на овошните насади поради дефектот на системот за наводнување Макарија.

„Земјоделците треба да се пријават во општинските комисии за проценка на штетите од сушата и неостварените приноси, а потоа врз основа на тие податоци Владата ќе донесе одлука за обесштетување на земјоделците“ - соопшти Николовски.

Тој соопшти дека за потребите на децата од градинките, биле откупени  175.500 кг. праски со што биле помогнати овоштарите од Росоман.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »