Петар Печков
Објавено: понеделник, 16 март 2026
Од 27 март до 8 април во Велес ќе се одржи петтото издание на театарскиот фестивал „5ре“. Според објавената програма на денешната прес конференција, ќе се одиграат седум претстави, една од нив е премиера, две се од странство, завршува со монодрама кога ќе бидат доделени наградите. На отворањето на 27 март на Светскиот ден на театарот, ќе биде доделена актерската награда за животно дело „Петре Прличко“.
„Заокружуваме циклус од пет години, мал јубилеј. Подвлечената црта е дека можеме да видиме задоволни гледачи, до кое ниво сме како новоформиран, имаме репутација и во земјава и во регионот. Втора година по ред сме меѓународен, трета година по ред фестивалот го отвора премиера. За да ги задоволиме гледачите, премиерата ќе ја одиграме два пати и на 27 и на 28 март. Тоа ќе биде „Тестостерон“ во режија на Синиша Ефтимов а по текст на полскиот автор Анджеј Серемонович.
„На Велес по петти пат ќе му се случи театарскиот фестивал „5ре“, формиран 2021 година со цел подигање и така високата театарска култура на велешани. За две седмици ќе бидат прикажани бројни претстави. Организатор е здружението „Плус публика“. Очекувам дека сите претстави ќе бидат посетени, да уживаме, да се забавуваме и да го поддржиме театарот и фестивалот кој многу значи и на театарот и на градот“ –рече Марко Колев градоначалник на Велес.
На фестивалот „5ре“ на 31 март ќе се одигра „Куршуми над Бродвеј“ а на 2-ри април „Болва во уво“ и двете претстави се на Драмски театар, на 3-ти април гостува Црногорско народно позориште од Подгорица со претставата „Другата страна“. На 4-ти април предвидена е претставата „Не се клади на Енглези“ на театарот „Бора Станковиќ“ од Врање Србија, на 6-ти април „Народен пратеник“ на МНТ од Скопје, на 7-ми април „Аматери“ на Театар Комедија. Фестивалот завршува со монодрамата „Сите прекрасни нешта“ на Игор Ангелов.
Втора година по ред ќе се вреднуваат актерските достигнувања, ќе бидат доделени наградите за машка женска ролја, машка и женска споредна, претстава во целина и режија, како и награда од публиката. Жирито кое ќе одлучува на наградите е Зорица Панчиќ како лански лауреат, Владимир Тулиев актер и режискрата Елеонора Теова.
Организаторите потенцираа дека билетите ќе бидат пуштени во продажба од 23 март, понеделник од 10 часот по цена од 300 денари, можат да се купат најмногу четири билети, нема да има резервации. И токму поради оваа причина се решиле прес конференцијата за фестивалот да се одржи десетина дена порано.
Локалната власт го помогна одржувањето на „5Ре“ со 800 илјади а Министерството за култура со 408 илјади денари.
| Tweet |





