речник контакт

По постигнатиот договор за слободна трговија со Украина, за половина година лани Македонија извезе повеќе зеленчук а помалку овошје, во висина од 10 милиони евра

Пласманот на македонското овошје и зеленчук на пазарите во Украина, дојде по затворањето и забраната за извоз на пазарот во Русија, а по инвазијата врз Украина

Петар Печков

За половина година од 2023, македонското овошје и зеленчук се пласирани на пазарот во Украина во вредност од 10 милиони евра. Ова е одговорот од Министерството за земјоделие, водостопанство и шумарство (МЗВШ). Измените на Договорот за слободна трговија меѓу Република Македонија и Украина стапија на сила на 6-ти јули лани.

„Во 2023 година во Украина се извезени земјоделско-прехранбени производи во вредност од 10,3 милиони ЕУР. Најголемо учество во извозот има зелката, во количина од 12.288 тони и вредност од 6,8 милиони евра. Потоа следат доматите, во количина од 244 тони и вредност од 406 илјади евра, праски и нектарини, во количина од 473 тони и вредност од 395 илјади евра, компир во количина од 711 тони и вредност од 297 илјади евра кромид во количина од 256 тони и вредност од 160 илјади евра. Исто така извезени се помали количини на моркови, пиперки, кајсии, сливи, јапонско јаболко...“ – одговорија од МЗВШ.

Пласманот на македонското овошје и зеленчук  на пазарите во Украина, дојде по затворањето и забраната за извоз на  пазарот во Русија, а по инвазијата врз Украина. Украина беше  замена за рускиот пазар, кој македонските одгледувачи го загубија.

Во 2023 година на Рускиот пазар било извезено  овошје и зеленчук од еден милион килограми,  во висина од 3,8 милиони евра што е опаѓање за 58% во споредба со 2022 година (ова е  во периодот до кога е стапена забраната за извоз).  

За илустрација во првото полугодие од 2019 година, македонските компании на рускиот пазар извезле зеленчук во износ од 5,7 милиони американски долари, а овошје од околу 4,9 милиони. Или за првите шест месеци 10,6 милиони долари.

Ланската година македонскиот зеленчук и овошје, според Државниот завод за статистика се пласирал на  десетина  пазари а  во Полска и Хрватска има зголемување на пласманот на зеленчук од 67% односно 40 отсто, како и во Србија со пораст од 46 отсто за една година. Овие држави се најголемите увозници, Србија со 17,9 милиони, Полска со 11,1 милион, Украина со 10,3 и Хрватска со 8 милиони евра.

Најмногу се извезувало зелка, пиперка и домат.За разлика од зеленчукот, намалено е количеството на извезено овошје. Праската со -16%, кајсијата со -15%, црешата со дури -79%  се со осетно намален извоз. Тие се одгледуваат во регионот на Росоман и Градско, каде се почувстува сушата поради хаваријата на системот за наводнување Макарија. Во Општина Градско проценетата штета по родот  е 117 милиони денари, додека Општина Росоман и градоначалникот Стојан Николов ни по четири  месеци од поставеното прашање, не ја соопштуваат штетата.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »