речник контакт

По 140 км за на работното место

Велешанката Марта Петрова секој работен ден до училиштето и назад поминува по 140 километри, од кои 130 во автобус и такси, а десетина пешачи. Така е веќе 20 години. Патува на релацијата Велес - околината на Кочани и назад

Петар Печков

  До македонските училишта, особено во руралните средини, се уште одат многу деца-пешаци, но истата судбина ја делат и наставници кои, за да стигнат на работа, со години, па и со децении секојдневно поминуваат десетици километри. Меѓу нив сигурно е 54-годишната Марта Петрова, која секој работен ден до училиштето и назад поминува по 140 километри, од кои 130 во автобус и такси, а десетина пешачи. Така е веќе 20 години.

Петрова е наставничка по биологија и хемија во ЦОУ „Климент Охридски“ во Облешево и во неговите подрачни училишта во селата Кучичино и Бања, каде што се вработила во 1985, шест години по дипломирањето на Педагошката академија во Штип. Потекнува од селото Соколарци, Општина Чешиново-Облешево. Во 1991 година се омажила за велешанец и оттогаш живее во Велес, но досега работа во некое од тамошните училишта не нашла, па секојдневно „го мери патот“ од Велес до родната општина и назад.

 

Не е лесно секој ден да се поминува толкава релација. Километражата, сепак, ми е помалиот проблем. Поголемиот се лошите врски. Во утринските часови од Велес наваму нема автобуска линија. До пред пет-шест години имаше беровски автобус, кој низ Велес поминуваше пред 6 часот. Со него беше полесно. Сега маките се многу поголеми. Во Велес чекам легално или „диво“ такси до Штип уште од мугри, за да го фатам автобусот од Штип за Кочани во 7.20 часот. Откако ќе се симнам од автобусот, пешачам во секакви временски услови до Кучичино или до Бања, кои од магистралниот пат Штип - Кочани се оддалечени по 4 километри. Стигнувам за третиот час - раскажува наставничката Марта.

 

По еден ден во неделата таа има часови во Бања и во Облешево, а три дена во училиштето во Кучичино, во кое учат децата од тоа и од соседното село Бурилчево. Од автобусот излегува на магистралата, на отворен пат без населено место. Потоа пешачи по патот низ оризови полиња до Бурилчево, а потоа и до Кучичино. Истакнува дека сите жители на двете села ја знаат, па ако наиде возило, ретко кој не ја поканува да се качи. Кога, пак, имало родителска средба, кои се одржуваат во вечерните часови, ноќевала кај своја колешка од Кучичино.

Според новата шема, од оваа учебна година, освен во овие три села, требаше да имам по два часа и во соседните села Теранци и Чифлик. Но, беше и неиздржливо и неизводливо. Морав да се откажам од нив, па сега и платата ми е нешто помала, односно 17.800 денари. Од неа околу 8.000 давам за патни трошоци, а со останатите 10.000 денари живееме јас и моето семејство, мојата ќерка, која годинава е матурантка и мојот сопруг, стечаец од велешка „Нокатекс“. Со новите законски решенија, веќе втора година реалните патни трошоци не се плаќаат, туку секому во платата, без разлика дали и колку патува, му се додаваат по 800 денари. Со години се борам да бидам префрлена на работа во Велес, но без успех. Неодамна во училиштето овде дојде и министерот за образование и кога слушна за мојот проблем многу се изненади - вели Марта Петрова.

Колешките и колегите нагласуваат дека имаат разбирање за маките на Петрова и додаваат дека, и покрај секојдневниот „маратон“, таа на работа доцнела многу ретко, само неколкупати годишно, кога ќе имало дефект на автобусот или на таксито или ако има прекин на сообраќајот поради сообраќајка.

Распоредот на часови го имаме приспособено и да не трпи наставата и колешката Марта да може да се вклопи во него. Поради долгиот пат, таа почнува со работа од третиот час. Сите посакуваме нејзиниот проблем да се реши што побрзо - истакнува Љупка Стојменова, наставничка по македонски и раководител на подрачното училиште во Кучичино.

Според пресметките на наставничката Марта Петрова, откако пред 20 години почнала секој работен ден да патува од Велес до училиштата во општината Чешиново-Облешево, досега поминала околу 500 илјади километри во двата правца. Од нив, околу 30.000 пеш. Петрова се надева дека ќе се најде решение и оти барем последната деценија од работниот век ќе ја помине без тие маки.

Во Велес нема работа за Петрова

Директорот на ЦОУ „Климент Охридски“ од Облешево, Стојан Атанасов, вели дека преку општината Чешиново-Облешево и годинава ја информирале велешката локална самоуправа за проблемот на Петрова. Тие побарале ако има можност наставничката да биде разместена во некое тамошно училиште. Но, во добиениот одговор стоело дека засега нема таква можност.

автор на текстот е Љупчо Шатевски, новинар на Дневник од Штип

АНКЕТА »

На што се греете зимава?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »