речник контакт

Прва воденица на Тополка

Од оваа воденица пред еден век, половина Велес се хранел. Денес ја јаде забот на времето. Сеќавање на нејзиниот сопственик Бошко Јаневски

Петар Печков

 Два века старата воденица мирува покрај брзите надојдени води на Тополка.   Во длабока сенка од столетните јаворите,  одмара пензионираниот објект, кај велешани познат како прва воденица. Таа пред еден век,  кога градот имал 12 илјади жители го хранела  Велес со брашно а денес ја собира прашината по течението од реката. Ако тогаш имало мноштво народ, денес е пусто и самотно.

Жалам за убавите времиња, ме влече пак да работам ама не можам. Го преуредував кровот да не прокиснува, ама  времето ја уништува. Мислам дека можам да работам, и душава ми сака, ама телото не може, не сум вреден.   Заклучена е со катанец, но има дупки, влегуваат преку нив и крадат, само камењета остана. Се украдоа што вреди, работев до пред две години - вели  Бошко Јаневски  82 годишен старец, на кому и покрај натежнатите години, не му згаснува желбата  повторно да го заврти воденичарското тркало и сомеле жито.

Воденицата е првата  по течението на реката, ги имало девет до населбата Превалец,  до неа се стигнува по тесен земјен пат за пет минути од вливот на реката Тополка во Вардар. Од зградите денес се останати само рушевини, пропаднале пред забот на времето но и крадците, кои ги опустошиле и зеле е што е метал.  Во дворот сведоштво дека тоа е воденица, бидјеќи тука се две камни плочи од по  половина тон, кои биле резерва. Со нив сопствениците планирале еден ден да ги заменат постојните, кога ќе се потрошиле. 

Првата воденица е позната како воденицата на Пане, по името на нејзиниот  сопственик, а тој бил татко на сопругата на Бошко. Тој заедно со наследниците имаат тапија, имотен лист, за сопственост на земјата и објектот. Со неговите родители од родниот Ораов Дол дошол во  Велес во 1965-та година а четири години подоцна веќе го мелел брашното.

Учев од старите,  Пане  таткото на мојата  сопруга Сава. Од  гледање научив како се работи, не беше тешко. Дење работев во Порцеланка, попладне и навечер тука. Мелев  брашно за стока,  брашно за јадење за леб, царевка бакрдан, но веќе не можам, годините навасаа. Најмногу работа имаше наесен, откако ќе се збереше житото од поле, од ноември до март не работевме. Преку зима водата  е голема,  има мраз и воденицата не работеше. Секој куќа затоа до октомври се снабдуваше со брашно за зимото, од март откако времето отоплува продолжувавме. На сто кила жито се земаше 10 кила уем, така живеевме.  Работа немаше секој ден, но воденицата не беше затворена, стално беше отворена, кога ќе додјеше муштерија да го услужам. И сам ја поправав, не е голема филозофија.  Тука доаѓаа деца цело  лето, со лепче и патлиџан цел ден се бањаа  во реката  – објаснува Бошко. 

Сега е тажен бидејќи објектот се распаѓа, дел од неговиот живот се уништува, сите најважни делови движечките, тркалата, што се од метал се украдени. За  да ги поправи требало сто илјади денари,  што е скапо е за него. Неговата воденица е прва и разбирливо е што имало најмногу работа, затоа и последна затворила.

Но низата имало и валаница, каде што се бојадисувале јамболии и текстил. Објаснува дека прво се мелела храна за стоката, бидејќи брашното било покрупно, за да се излиже каменот, па потоа брашното за јадење  кое се мелело поситно, додека царевното  ситно но остро, како за качамак. Животната судбина сакал  да  биде поврзан со воденицата. Како дете со неговото семејство на магаре доаѓале од Ораов Дол, го мелат житото, дел од него продавале и купувале тоа што немале  за в село гасје, сол, и ноќе си заминувале за дома, за по половина век тој да биде нејзин стопан.  

Кај мене на воденица идеа и турци, и албанци и македонци, кој сакаше доаѓаше и на сите мелев, од  подалеку  доаѓаа од Оризари, Бузалково, Ветерско. Имаше години  кога Тополка немаше вода па не можеше да се меле, но и за тоа има лек. Се запираше  реката, се полнеше јазот и потоа два три саати ќе работи, па одново. Горе има френгија, камен, водата за да се навртува на воденицата. Таа е од турско, купена со злато,  имала тројца газди,  затоа има три камена за мелење, за тројцата браќа. Има и еден дел каде се меле пипер за готвење – вели Јаневски.

Објаснува дека повеќето воденици се затвориле по големата поплава од 1963 година. Иако тогаш државата им платила по  пет илјади динари помош, дел од мелничарите наместо да ги поправат водениците, си ги потрошиле на бања во Катланово. Тука завршил работниот живот на овој дел од Тополка. Смета дека никогаш не биле  конкуренција на Жито Вардар, бидјеќи воденичарите работеле само на ситно. Се сеќава  на  пријателите Пано Чорето, Ило Јосифот, Димче Дамаскарот, Пано Коларот, сите од месноста Долни Дуќани,   кои  доаѓале кај него  да сомелат жито но и на муабет. Иако  Тополка се заматувала од Високи пеќи, тогашна фабрика за вар, во реката  имало и риба и капачи. Денес ниту се мати, ниту има капачи, ниту риба.

Имаше убав живот во овој дел на реката. Поради воденицата доаѓаа селани и мелеа жито. На магариња доаѓаа селани  од Каласлари, Кочилари, Црквино,Свеќани,  мојот татко и неговиот дедо беа блиски пријатели, лебот го делеа за јадење, си помагаа.  Само лошо е, чим човек нема, се запустува, така и овој објект - вели сосед, кој преку летото се враќа во старата куќарка покрај реката.  Тука во близина е  црквата  Св недела, манастирот Св. Димитрија,  а на блискиот рид  е Велешкото кале, каде до средината на 19-тиот век имало жители, поради што и водениците биле изградени тука, во подножјето.   

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »