Петар Печков
Објавено: четврток, 02 јануари 2020
На вториот ден од Новата 2020 година, се роди првото новороденче во Велес. Тоа е Изабела, ќерка на Марија и Ѓоре Иванови. Тие веќе имаат и син, Давид, на возраст од две години. Марија (24 год) е невработена, која кратко кажа дека е среќна што на свет донесе девојче.
Господ нека дава на сите барем по едно, убаво е и повеќе или кој колку може - рече мајката Марија.
Првото бебе родено во велешка Болница е женско, тешко 3,42 кг, 52 см долго. Мајката и бебето се добри, се породи со планиран царски рез - рече гинеколог д-р Силвија Богоевска, која го извршила породувањето. Таа кажа дека последното бебе ланската 2019-та година се родило неколку минути пред полноќ.
Бебето одма заплака, што е многу битно за нас педијатарите, со уредни параметри. Добро се чувствува и мајката - рече д-р Дончо Дервишов. Дел од тимот кој ја породувал Марија Иванова, била и анестезиологот д-р Наташа Анастасова.
Градоначалникот на Општина Велес,Аце Коцевски ги посети мајката и бебето и им врачи чек во висина од 12 илјади денари.
И честитам на мајката за новороденчето и посакувам во оваа година, да се раѓаа здрави и живи бебиња. На вработените во Болницата им ја честитам Новата година, а во акушерското одделение им посакувам во годинава да имаат што повеќе работа и што повеќе на свет да доаѓаат нови бебиња - порача Коцевски.
Во 2019-та на акушерското одделение при ЈЗУ Општа Болница Велес се родени 473 новороденчиња, во 2018-та имало 505, во 2017-та во велешката болница се родиле 649 бебиња а во 2016-та 651 бебе. Тука се породуваат родилки освен од Велес и од Чашка, Градско и Лозово но и од Кавадарци, Неготино, Свети Николе. Последен пат првото бебе во велешка болница родено на првиот ден беше на први јануари 2017-та година.
Tweet |