Петар Печков
Објавено: понеделник, 10 август 2020
Превалчани ги пребројуваат штетите од саботното невреме, кое во попладневните часови ја зафати оваа велешка приградска населба. Дел од земјоделците се жалат дек родот кој го имале собрано е уништен од надојдената вода а дел од мајсторите дека им се уништени работилниците и алатите. Угината е и ситна живина - кокошки, како и домашни миленици -кучиња.
Материјалната штета е голема, нема семејство кое е покрај Тополка или покрај каналот кој ја носи водата до Раштани да нема штета. Денес со семејството, блиските расчистуваме, да видиме што може да се спаси. Апаратите за домаќинството, фрижидери, машини за перење, телевизори се неупотребливи - вели превалчанец.
Под мостот, кој ги спојува Велес и општина Чашка, закачени се големо количество на дрвја и гранки, кои директорот на ЈКП Дервен Тони Јовиќ најави дека ќе бидат расчистени во текот на утрешниот ден, но рачно, бидејќи механизацијата не е можно да работи на мостот. Оштетени се околу 200 метри од фекалната канализација во населбата.
Градоначалникот Коцевски го повика жителите на населбата што поскоро да ги пријават штетите, за да може комисијата да излезе на терен и започне со работа. Тој на најпогодените семејства ќе им додели финансиска помош од по 50 илјади денари. Општинскиот Црвен крст од Велес, дели пакети со храна и хигиенски средства на најпогодените семејства во Превалец.
Поплавата во Превалец е резултат на невремето и големото количество на вода кое надошла од Раштани, Бузалково и Гроот. Никако поради каналот, тој беше исчистен но не можел да спроведе толкаво количество на вода. Штетите се поради ударниот поплавен бран - изјави градоначалникот Коцевски.
Tweet |