Петар Печков
Објавено: четврток, 04 јануари 2024
Пуштен е во употреба новиот далноводот кој ги поврзува трансформаторските станици Велес и Овче Поле. Неговата изградба започна на 18 декември 2022 година а заврши во предвидениот рок, пред завршувањето на 2023 година. Ова е капитален инфраструктурен проект кој опфати изградба на нов далновод на постојната траса на далноводот стар повеќе од 60 години.
„Далноводот е изграден за точно една година и го пуштаме во функција на граѓаните и стопанството од велешко- светиниколскиот регион, како дел од инфраструктурата неопходна за стабилно и доверливо снабдување со електрична енергија“ - кажа директорот на АД МЕПСО Зуди Енуз.
Далноводот 110 KV ТС Велес- ТС Овче поле, е со должина од 20,94 км и е поставен на 83 столбoви. Од нив целосно се заменети 56 бетонски и три челично решеткасти столбови а целосно е заменета старата опрема. Инвестицијата е со вредност од 2,3 милиони евра, од кои дел се сопствени средства на АД МЕПСО, а дел се заем од ЕБОР. Изведувач на работите е Конзорциум на Далекувод Загреб и ЕЛНОС Бања Лука, а надзорот на градбата го вршеше Столб Битола.
фото ФБ /АД МЕПСО
Tweet |