Петар Печков
Објавено: петок, 06 мај 2022
Во посета на Маркарт Македонија беше премиерот Димитар Ковачевски, кој ја пофали македонско -германската трговска соработка.
„Оваа инвестиција е потврда за добрата деловна соработка помеѓу двете земји и континуираниот раст на трговската размена. Верувам дека Маркарт и другите компании со засилено темпо ќе растат во наредниот период и години. Целта ни е да се отворат вакви и слични производни и технолошки капацитети, кои не само што ќе произведуваат финални производи за крајни купувачи туку и да станат партнери на странски компании кои се со високо технолошко производство, како што е Маркард“- кажа премиерот Димитар Ковачевски.
Македонија треба да е горда, што во трговската размена со Германија има трговски суфицит. Ова го кажа амбасадорката Анке Холштајн, при денешната посета на германската компанија Макрарт Македонија. Трговската размена со Германија минатата година изнесувала 4,7 милијарди евра.
„Две третини од остварената размена се извоз на Северна Македонија во Германија. Да се има трговски суфицит е реткост и ви честитам. Германија со години е вашиот трговски партнер а таа соработка постојано се подобрува и се продлабочува. Кога германски компании инвестираат во странство, тие ги извезуваат и нашите стандарди, квалитет, култура, стручност и квалификации. Многу е веројатно дека копчето на автомобилот кој го возиме да е произведено во македонска фабрика“- кажа Холштајн.
Маркарт Македонија има 670 вработени и е најголем работодавач во Велес, таму се произведуваат делови за автомобили за реномирани брендови БМВ, Мерцедес, Јагуар, Ландровер, Опел, Порше, Ламборџини.
„Изминатите четири месеци беа исклучително тешки, не само поради војната во Украина, туку поради ковид ситуацијата во Кина. Таму беше оневозможена испораката на електронски делови. За првите четири месеци имаме 30 отсто потфрлање од планот“ - рече Волфган Ајхнер генерален директор на Маркарт Македонија.
Tweet |