Петар Печков
Објавено: недела, 20 февруари 2011
Поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан, во сослужение со владиците Агатангел, Тимотеј и Иларион и во присуство на свештеници од Повардарската епархија и голем број верници ја преосветија реновираната велешка црква „Успение на Пресвета Богородица“ при што отслужија света божествена литургија.
Во своето обраќање архиепископот г.г. Стефан истакна дека со овој чин Велес докажува дека не е само град на гемиџии, бројни преродбеници и револуцонери, туку и град на духовници со богат црковен живот.
Со целосното реновирање на оваа црква, надворешно и внатрешно, како и со градењето на новата велешка црква „Свети Кирил и Методиј‘‘ и овој пат како и низ историјата велешани докажуваат дека градат цркви не само кога се материјално, туку и духовно богати - рече г.г. Стефан.
Црквата „Успение на Пресвета Богородица‘‘ почнала да се гради во 1882 година, продолжила во 1886, а во 1905 година во неа била отслужена првата богослужба. Со средства од Повардарската епархија и бројното свештенство во изминатиот период црквата е целосно внатрешно и надворешно обновена.
По извршувањето на чинот преосветување, беше отслужена Света Божествена Литургија, на која Митрополитот Повардарски г. Агатангел, заради направените заложби околу целосното реновирање на црквата, како и поради плодната свештено-пастирска дејност, благоволи и го произведе во чин протоереј, свештеникот Ристе Јанушев од Велес, кој е инаку и старешина на црквата „Успение на Пресвета Богородица“.
Во едноиполгодишното реновирање на црквата направен е целосно нов фрескоживопис на црквата од страна на тајфата „Св. Ап. Лука“, направен е нов иконостас и владички трон од страна на копаничарот Љубомир Бисинов, потоа се направени нови икони на иконостасот, храмот е целосно обновен со градежни дејства (нов мермерен под, нова електрична инсталација, осветлување, подно затоплување, нови врати, прозори, комплетно нов црковен инвентар, престолна икона, певница и др.) Храмот е целосно реновиран исклучиво со средства на Повардарската епархија.
Tweet |