речник контакт

Преподобни Гаврил Лесновски и Прохор Пчињски 28 јануари

Двајцата се родум од Македонија. Словени по потекло. Првиот бил од село Осиче, паланечко, а вториот од областа Овче Поле. Живееле во 11 и 12 век. Двајцата биле монаси пустиножители.

Петар Печков


Двајцата се родум од Македонија. Словени по потекло. Првиот бил од село Осиче, паланечко, а вториот од областа Овче Поле. Живееле во 11 и 12 век. Двајцата биле монаси пустиножители. Свети Гаврил се подвизувал 30 години во Лесновската планина близу Кратово, откако претходно изградил црква и основал манастир. Во манастирот се вратил пред својата смрт. Свети Прохор, пак, се подвизувал 35 години во една пештера близу денешниот манастир посветен на неговото име.


Светецот од Осечко поле
Свети Гаврил Лесновски живеел кон крајот на XI и почетокот на XII век. Потекнувал од Осечко Поле. Неговите родители биле богати но долго време немале деца па времето го минувале во плач и молитви упатени кон Бога да ги дарува со пород. Потоа Господ ги дарувал со машка рожба. Сакале детето да им биде образовано поради што кога пораснало го дале да се школува.

Кога пораснал родителите сакале да го оженат, му нашле девојка „од добар и царски род“, но тој повеќе сакал да се посвети на Бога. Се случило токму на свадбата починала невестата, а Гаврил побарал одобрение од родителите да го напушти родниот дом. И откако тоа се случило на сон му се јавил ангелот Господов и му рекол да оди во Осечко Поле и да изгради црква посветена на пресвета Богородица. Гаврил се вратил кај родителите им го раскажал сонот  а тие му дале богатство по што тој ја изградил црквата и ја живописал.


Потоа пак се вратил во Лесновскиот манастир од каде што со согласност на игуменот отишол во една шума во близината на Злетово и тука времето го минувал во пост и молитви. Житието натаму раскажува дека Гаврил по напуштањето на овој скит отишол во местото Луково во некоја мала шума за која никој не знаел и тука минал извесно време. Се случило еднаш тука да дојде еден овчар и да ги види неговите молитви упатени кон Бога.

Овчарот го замолил да му помогне на стадото кози кое било болно поради неговите гревови. Гаврил нашол вода во една дупка од камен, ја прекрстил и му ја дал на овчарот да ги попрска козите. Тие веднаш оздравеле, а овчарот многу му бил благодарен.

Оттука Гаврил заминал во некоја далечна и тешко достапна планина и се сместил во некоја пештера во местото наречено Облов Врв, тука минал 30 години и тука починал. Никој не знаел каде починал поради што мислеле дека се преселил на друго место.

По извесно време светецот му се јавил на сон на некој Русин по име Јосиф кој живеел во градот Средец и му заповедал да појде на местото наречено Облов Врв, да ги земе моштите и да ги пренесе во Лесновскиот манастир. Така според житието моштите на Свети Гаврил стигнале во Лесновскиот манастир за подоцна пред налетот на исламот да бидат пренесени Трново во црквата „Светите Апостоли“ на Трапезец. Подоцна манастирот што тој го основал и што го носи неговото име станал важен книжевен центар.

Светецот од паланечко

Според житието Свети Прохор Пчињски потекнувал од некое село од Овчеполието. Родителите, татко му Јован и мајка му Ана биле чесни и побожни луѓе што долго немале деца. Поради тоа биле несреќни и секогаш го молеле Бога да им даде пород. И по многу години Бог ги дарувал со машка рожба на која и ставиле име Прохор. Му се радувале и го воспитувале во христијански дух, а кога пораснал сакале да го оженат, да формира семејство и да го наследи имотот.

Но Прохор сакал да му се посвети на Бога. По излегувањето од црквата Прохор се упатил кон планината и започнал испоснички живот. Најпрвин живеел во една пештера во близината на селото Старо Нагоричане, Кумановско. Се хранел со зелје и корења од трева, живеел во пост и молитви, зиме на мраз, лете во пот. На тоа место без да види човек, а дружејќи се само со дивите ѕверови минал 32 години.

Тука имал средба и со Роман Диоген, идниот цар на Византија, на кого му ја претскажал иднината. Имено, житието раскажува дека еднаш кога Диоген бил на лов во овој крај бркал една срна. Срната дошла пред пештерата и легнала пред нозете на светецот. Потоа по неа дошол и Диоген кој се исплашил од глетката и се засрамил од старецот, поради што почнал да бега од местото. Но и се изненадил кога старецот го повикал по име: „Диогене, немој да бегаш, но врати се, и јас сум човек“. А кога се вратил кај старецот барајќи прошка и благослов овој му рекол: „Диогене, речено е да одиш во Цариград и да бидеш цар, но кога ќе дојдеш на престолот спомени ме мене, старецот, поради пророштвото што ти го изреков“.

Диоген навистина станал цар на Византија во периодот 1067-1071 година, и тогаш го заборавил светиот Прохор. Овој пак монашкиот живот го продолжил во планината Козјак во една пештера во близината на реката Пчињ,а каде што и умрел на 14-тиот ден од месецот октомври, а неговото тело долго не се распаднало.

Царот Роман Диоген навистина заборавил на светиот старец но еднаш тој му се јавил во сонот и му рекол: „Ја заборави твојата облека и мене старецот“. Тогаш тој тргнал да го бара на местото каде што ја имал чудната средба со него и со срната. А кога не го нашол, за спомен изградил убава црква што и денес ги восхитува случајните и намерните посетители на селото Старо Нагоричане. А кога сакал да се врати во Цариград пак во сонот му се јавил светецот и му рекол дека ако го бара ќе го најде во планината.

Царот со придружбата тргнале низ планината и на едно место виделе како бел орел излегува од една пештера. Во таа пештера го нашле телото на светецот уште нераспаднато. Царот и придружбата се поклониле пред светите мошти, и ги понесле кон реката со намера да ги положат во манастирот посветен на неговиот спомен. На едно место ковчегот со светите мошти застанал и не можеле да го помрднат, а светецот во сонот му рекол на царот: „Нема да ме однесеш оттука“. Тука е изграден манастирот што го носи името на Свети Прохор Пчињски, а неговите свети мошти и денес лежат во црквата од десната страна на олтарот.

Најстариот портрет на Свети Прохор Пчињски заедно со портретот на Свети Јоаким Осоговски се среќаваат во црквата „Свети Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане (по обновувањето) завршени во 1318 година, како единствени претставници на локалниот култ.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »