Петар Печков
Објавено: четврток, 29 јуни 2017
Петок вечер, на големата сцена на Театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ Велес, со почеток во 20 часот, премиерно ќе биде изведена претставата „Тирамису“.
Работена е според текст на полската авторка Јоана Овшианко, во режија и адаптација на Теа Беговска. Претставата се занимава со постпазарната етика и естетика, преиспитувајќи го феноменот на консумеризмот и потрошувачкото општество, наспроти изгубената човечност и суштинските вредности на животот.
Зборуваме за баналности, а не за суштински нешта. Се претворивме во машинерија диригирана од луѓе кои заборавиле на вистинските вредности – вели режисерката Беговска.
За неа, главна провокација за постановка на претставата е токму измислениот осми лик, кој не постои во оригиналниот текст.
Осмиот лик е се што сум јас, се што е секој еден обичен човек кој се обидува да се вклопи во наметнатиот систем на општеството. Приказната на осмиот лик живее во мене, во сите нас. Тоа е приказна за вербата во подобро утре, за вербата во човечноста и вистинските вредности – потенцира Беговска.
Во претставата настапуваат актерите: Маја Љутков, Зорица Панчиќ, Талија Настова, Марија Стефановска, Фаик Мефаилоски, Жарко Спасовски, Душица Настова и Румена Шопова.
Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите се на Андреј Ѓоргиевски, автор на музиката е Енес Беговски, видеото е на Данчо Стефков, а дизајнот на светлото на Звездан Миљковиќ. ,,Тирамису,, е четврта продукција од годишната програма на Велешкиот театар за 2017 година.
Tweet |