Петар Печков
Објавено: четврток, 17 јуни 2010
Приватните лекари се судруваат со бројни проблеми кои само се зголемуваат и не се решаваат, наспроти јавното здравство каде се инвестира и тоа има приоритет, смета новиот претседател на приватните лекари на Македонија д-р Лили Чолакова, која току во тој дел ќе го насочи работењето на Здружението. Нејзина цел е во наредниот период проблемите да ги решава со дијалог со Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување.
Основно е превенцијата да оди во Министерството за здравство а Фондот да ги плаќа услугите. Примарното здравство дава квалитетни и обемни услуги, одлично функционира од 1997-та година кога е воведено, но не е адекватно наградено и платено. Само 45 денари за толку услуги е премалку, бидејќи ние сме чуварите на здравјето на населението. Прва задача ќе биде да се сработи основниот пакет на здравствени услуги кој се уште е недефиниран во примарното приватно здравство.
Со капитација од 45 денари пациентот може неограничен број пати да влезе кај неговиот матичен лекар. Тој пак е обременет со многу администрација и пополнување формулари и нема време да се надгради како личност. Од друга страна имаме обврска да посетуваме различни едукации. Тука пред се мислам на задолжителната едукација за семејни доктори, бидејќи како такви, специјалисти по семејна медицина, ќе постоиме од 2020 година. Имаме задача да се едуцираме и за електронската картичка и тогаш колку време останува за нас, за пациентите - вели д-р Лили Чолакова претседател на Здружението на приватните лекари на Македонија.
Таа беше избрана за нов претседател на неодамнешното Собрание на приватни лекари, кое брои околу 1.500 членови. Реагира на тоа што државата за најавените електронски картички набавила само читачи, додека товарот од уште еден компјутер во сите приватни ординации, потребен за картичката, ќе мора сами да го сносат лекарите.
Таа потсетува дека во Струмица се уште за 45 денари капитација приватните докторите работеле по 24 часа бидејќи после работното време деежурале и во Итната помош. Во Пехчево, Берово, Делчево каде нема Брза помош па приватните лекари, поради нивниот мал број им доаѓа секоја четврта или петта вечер да дежураат, и според д-р Чолакова преморен доктор може да направи и превид, на штета на пациентите. Планира проблемите да ги решава заедно со Лекарската комора на Македонија.
Tweet |