Петар Печков
Објавено: понеделник, 22 јануари 2024
Велешкото обвинителство побара а судија на претходна постапка при Основен суд Велес му одреди мерка притвор од 30 дена на лицето Д.М. (42 год) од Бузалково.
Тој во четвртокот попладне на 18 јануари ги полеал со запалива течност апаратите од казино, откако претходно ги прокоцкал парите.
На поставеното прашање од ТрМр дали е изречена некаква мерка на претпазливост, поради постоење можност да го повтори делото, да влијае на сведоците или да побегне, од обвинителството одговорија потврдно,
„Против лицето е поведена истрага поради основано сомнение дека сторил “Тешки дела против општата сигурност“ од член 292 став 1 во врска со член 288 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. По предлог на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес, судијата на претходна постапка му определи мерка притвор во траење од 30 дена“ - пишува во одговорот на ЈОРМ.
Лицето кое се сомничи дека го сторил делото, со запретената казна може да лежи затвор од една до десет години.
Тој со предизвиканиот пожар предизвикал значајна материјална штета и предизвикал страв по животот кај станарите од зградата над објектот, кој вечерта морале да преноќат кај пријатели или роднини, поради страв од можни компликации, иако пожарникарите огнот го локализирале во 19,45 ч а бил регистриран во 17,45. Казиното се наоѓало на улица Благој Ѓорев близу до новата црква Св. Јован Крстител во новиот дел на градот.
Tweet |