Петар Печков
Објавено: сабота, 11 февруари 2023
На 9 и 10 февруари полициски службеници од СВР Велес, со судски наредби, извршиле претреси во Велес, Кавадарци и Неготино, при што биле пронајдени 168 пакувања хероин, 17 пакувања грутчеста материја, шест пакувања марихуана, две пакувања прашкаста материја, таблети, дробилки, 178.580 денари и 235 евра.
„Лишени од слобода се пет лица, и тоа Н.М (39 год) од Велес, кај кого бил пронајден хероин и поголема сума на пари, Г.Д.(43 год) од Велес, затоа што кај него била пронајдена прашкаста материја и марихуана, А.Т.(26 год) и С.Т.(28 год ) од Кавадарци, бидејќи биле пронајдени бела материја, марихуана, таблети и пари, и Н.Р.(26 год) од Кавадарци, затоа што биле пронајдени марихуана и две дробилки“- соопшти Ристе Самарџиев, портпарол на СВР Велес.
По итна постапка поднесена била кривична пријава против еден сторител за сторено кривично дело по член 215, „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ а од страна на судија на претходна постапка од Основен суд Велес на Н.М. му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена. По документирање на случајот и против останатите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци донел Наредба за спроведување истражна постапка против две сестри, А.Т. и С.Т. на возраст од 26 и 28 години, бидејќи постои основано сомнение дека како соизвршителки сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
„На 10 февруари, во нивниот дом во Кавадарци, биле пронајдени 17 пакувања со вкупно 147,16 грама амфетамин, 16 таблети метилен-диоксиметамфетамин, потоа 15,89 грама марихуана во две пакувања и уште четири рачно направени цигари со мешавина од марихуана и тутун“ - соопштија од ОЈО Каавадарци.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основен суд Кавадарци, доставил предлог за определување мерка притвор поради опасност од бегство и можност за повторување на делото. Ценејќи ги сите околности, Основниот суд во Кавадарци на осомничените им определил мерка куќен притвор.
Tweet |