Петар Печков
Објавено: вторник, 09 јули 2024
Сведочењето на шумскиот чувар Робин Андовски кој пред пожарникарите стигнал на местото каде започна пожарот на езеро Младост од 26 август 2019 година, даде нови моменти од настаните кои се случувале таму.
Тој го отфрли сведочењето на пожарникарот Тони Цветков од претходното рочиште, дека во боровата шума на почетокот од патот кон езеро Младост имало два пожари, дека имало екслозии од бомби и дека пожарникарите имале исправна опрема.
„Јас не видов да имаше два пожари, станува збор за еден пожар, никако два. И вештачењето на стручните лица од ЈП Македонски шуми зборува за еден пожар. Пукотници немаше. Боровите кои беа високи 5-6 метри од двете страни на патот имаа шишарки, кои искреа и пукаа, но експлозии немаше. Шишарките летаа и до 30 метри и така огнот се префли од едната страна на другата страна од патот. Ние со колегата Рамче седевме на блиската бензиска пумпа и за 2-3 минути стигнавме до местото каде се појави чадот. Слушевме од работниците, дека тие додека работеле со брусилица, од искрите била зафатена сувата трева во реонот викан Медалко. По 10 минути стигнаа скоро истовремено полицијата и пожарникарите. Пожарникарите беа со две возила, џип и камион. Џипот имаше неисправен воден топ и не можеа да интервенираат, ако работеше можеби текот на пожарот ќе имаше друг тек. Ќе беше локализиран“ – кажа Андовски.
На претходното рочиште пожарникарот Цветков тврдеше дека дошле со исправни возила, дека поради експлозии од куршуми и бомби морале да се повлечат од боровата шума и дека имало уште еден пожар кој доаѓал од правец на автопат, наспроти овој кој се ширел од месноста Медалко. Исто сведочење имаше и пожарникарот Роберто Шакиров.
На денешното рочиште сведочеше и техничкиот советник, ангажиран од страна на одбраната д-р на шумски науки Николчо Велковски, проф. на Шумарски факултет во Скопје.
„На сликите на НАСА од критичниот ден 26 август 2019 во 12,06 ч. триесетина минути по појавата на пожарот од 11,35 се гледаат девет пожари, од нив 6 се во права линија. Тоа е чудно и невообичаено, оти пожарите се шират концентрично околу изворот. Овие девет пожари не се меѓусебно поврзани, не се споени, таков случај досега не сум сретнал. Овие фотографии на НАСА кои се во изготвеното сведочење, се јавно достапни“ – кажа вештото лица Велковски.
Неговата проценка за висината на штетата од пожарот од 6,3 милиони денари, ја отфрли државниот правобранител Валерија Николова, бидејќи кажа дека не е работена по правилник од Законот за шуми. Судењето продолжува со сослушување на сведоци на одбраната.
Обвинетите за пожарот кој на 26 август 2019 ја зафати околината на велешкото езеро Младост, Тасе Илиевски, Марјaн Ангелов и фирмата ДТТУ Реал градба која ги ангажирала работниците, не се чувствуваат за виновни. Тие се обвинети за „Тешки дела против општата сигурност“ и дека делото предизвикување општа опасност, го сториле со умисла.
Обвинителството ги товари дека при работите не презеле доволно мерки согласно правилникот за работа, па од искри исфрлени од апарат за брусење пламнал пожар кој ја зафатил околината на езерото. Од искрите се запалила околната тревна површина, а пожарот потоа неконтролирано се проширил и добил големи размери, при што била опожарена и поголема шумска површина.
Tweet |