Петар Печков
Објавено: вторник, 18 февруари 2020
Во медиотеката од Локалната библиотека „Гоце Делчев“ - Велес беше промовирана поетската книга „Мисловна вртелешка“ од Светлана Босилкова Далевска. Промотивен говор за книгата имаше проф. д-р Димитар Пандев.
Самиот наслов и поднаслов упатува на рефлексивна поезија, но и на еден стар вид поезија ,,будници,, нешто што денес ни е неопходно во ова време на живеење. Поезијата во оваа книга произлегува од сите пет сетила и во неа сите тие се вклопени. Зад ,,Мисловна вртелешка,, стои автор со големо животно искуство кое е стекнато по аптеките на животот. Не за џабе оваа книга го носи насловот ,,вртелешка, бидејќи се во животот врти во извесен круг, независно од каде сме почнале и што сме направиле, се навраќаме на темите од детството - рече промоторот Пандев.
Збирката поезија ,,Мисловна вртелешка,, е со поднаслов ,,будилка за сетилата,, и е поделена четири циклуси и во неа авторката ги опејува егзистенцијалните теми, има љубовна поезија и родољубива. Ова е втора книга на Далевска во која има застапено 45 песни, првото дело беше романот ,,Лавица на жица,, издадено минатата година.
Се решив за поезија, оти тоа е специфична форма, за која подготовки и планови нема. Се раѓа од момент, од мисла, од миг, се лови од секвенци од животот. Мојот почеток со поезијата беше настан кој силно ме потресе, моите сетила да седнам и да напишам. Беше кога почина мојот другар од најрано детство д-р Мило Трајков и ја напишав ,,тешко сфатливо,,. Потоа како да се отвори менталната визија, се редеа песни и се случи чудо - рече Далевска.
Таа живее во Регенсбург Германија а дел од својот живот го минува во родниот Велес. Организатор на промоцијата беше Градската библиотека ,,Гоце Делчев,, а со промоцијата се одбележа 21 февруари, денот на мајчиниот јазик. Извадоци од книгата читаше професорката Светлана Ќулумова а настап имаше и Благоја Пановски Оршата.
Tweet |