Петар Печков
Објавено: среда, 07 октомври 2015
На големата сцена на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ беше промовирано ДВД –то 60 години Ансамбл „Керамичар“ .
ДВД-то го промовира Бошко Тренески долгогодишен директор на Ансамблот „Танец“,кој потсти дека Ансамблот за народни игри и песни „Керамичар“во изминатите шест децении го негуваше и афирмираше непресушниот народен вруток на богатата песнопојна и играорна традиција од цела Македонија.
Репертоарот на ансамблот го сочинуваат песни и ора од цела етничка Македонија преточени во фолклорни кореографии,а прилагодени според возраста на младите уметници изработен од професионалци во фолклорот. Покрај кореографските постановки ансамблот ја негува богатата песнопојна народна и градска традиција, истакна Тренески.
На ДВД –то се претставени играорците со голем број ора од повеќе региони на Македонија, како и инструменталните достигнувања на оркестарот преку повеќе народни и чалгиски ора,како и солистите на ансамблот во исполнување на народните песни.
Тренески потсети дека од 1954 година до денес Ансамблот „Керамичар“ настапил на над 3.700 концерти и фестивалски претставувања во 24 земји во Европа,Азија и други континенти од каде секогаш се враќал со награди и признанија.
Меѓу позначајните награди на Ансамблот „Керамичар“ се: „Бронзен гердан“ освоен на ММФ во Дижон Франција во 1981 година, „Сребрен гердан“ освоен на ММФ во Дижон Франција во 1993 година, „Сребрен медал“освоен на Детски Фолклорен Фестивал во Адапазар Турција во 2013 година, и во 2014 година Спомен Плакета „9 Ноември“ на Општина Велес.
Промоцијата беше збогатена со настап на повеќе ора од првата постава на играорната група на Ансамблот „Керамичар“ како и настап на оркестарот, а свој настап од пеачката група имаше Трајче Ламјов.
Tweet |